Пченицата се откупува за 8,5 денари по килограм

98
Фото: Игор Бансколиев

Откупната цена на пченицата се движи околу 8,5 денари со ДДВ за килограм, велат производителите и додаваат дека никој не плаќа од девет до 10,5 денари

Откупната цена на пченицата се движи околу 8,5 денари со ДДВ за килограм, велат производителите, и додаваат дека никој не плаќа од девет до 10,5 денари за килограм, како што соопшти вчера Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Стравуваат дека поради ваквите пресметки на Министерството нема да добијат државна поддршка како надомест за разликата меѓу производствената и откупната цена, како што беше случај во претходните две години.

– Разговарав со производители од Прилеп, Битола, Овче Поле. Ги слушнав и претставниците на Сојузот на земјоделците, регионалното здружение „Клас“, Националната федерација на фармери, здружението „Овчеполски фармер“ и сите имаат речиси идентични изјави за цената на пченицата. Од седум до осум денари е цената на терен, во зависност од видот на плаќањето и квалитетот. Не сме сретнале некој да плати повеќе од 8,5 денари со ДДВ. Разговарав и со мелничарите, тие не купиле пченица од земјоделците за повеќе од 8,5 денари – изјави претседателот на Асоцијацијата на земјоделци, Ефтим Шаклев.

Според него, 10,5 денари е нереална цена и може да ја даде, ако продава, само ЗИК „Пелагонија“, и тоа на своите мелничари, но тоа нема никакво влијание врз формирањето на откупната цена за земјоделците.
– Со Министерството немаме иста пресметка и за производствената цена. Тие велат дека е 9,14 денари за просечни приноси од 3,5 тони. Ние тврдиме дека е 10 денари оти приносите не се 3,5 тони, туку три тона по хектар. Значи, околу 10 денари по хектар. При вакво несовпаѓање на цените со Министерството, кога ќе бараме поддршка како надомест за разликата во производствената и откупната цена, нема да добиеме, зашто ние ќе излеземе со едни, а МЗШВ со други цени – објаснува Шаклев.

И претседателот на „Овчеполски фармер“, Ангел Стојчев, кој застапува три-четири илјади производители од Светиниколско, вели дека откупната цена на пченицата е максимум 8,5 денари. Тој укажува и дека целото производство е веќе откупено, само десет отсто задржале производителите за сопствени потреби.
– Пченицата во Овче Поле се продава по осум до осум и пол денари. Не е точно дека се продава по девет до десет и пол. Министерството овие бројки ги вади од ракав. Нам, среќа, родот ни го откупи трговец, кој, потоа, според наши информации, го препродаде во Грција. Така, всушност, добивме по осум денари. Инаку, нашите мелничари даваат по пет или шест денари за килограм пченица – изјави Стојчев.

Тој се жали дека производителите нема со кого да разговараат. Побарале од Министерството денар-два како дополнителна цена уште пред жетвата, но веројатно нема да добијат.
И Мемет Синани од Националната федерација на фармери тврди дека откупната цена на пченицата е најмногу 8,5 денари за килограм. Некаде дури се плаќа и по минимални шест денари и дополнува дека во велешкиот и полошкиот регион моментно има застој на откупот.

Став на федерацијата е дека според Законот за земјоделство и рурален развој треба да се воведе интервентен откуп и да се дефинира интервентна цена на пченицата со одлука на Владата, по предлог на Министерството за земјоделство, кога производствената цена е повисока од откупната.

– Оваа година тоа се случува во Македонија, производствената цена е од 9,14 до 11 ден. за килограм, а откупната под 8,5 денари. Според берзанските цени, Македонија има најниска откупна цена за пченицата во регионот, која се движи од 7 до 8,5 денари. Во Хрватска е 8,84, во Србија е 9,12, а во Бугарија 10,55 денари за килограм – истакнува Синани.

Земјоделците велат дека приносот на лебно жито годинава е 3.000 килограми по хектар, а квалитетот е намален поради обилните врнежи, освен во Овчеполието.
– Очекувавме просек од 4.000 килограми, но врнежите ја спречија навремената жетва, дел од родот презреа и падна, со што падна и квалитетот на лебното зрно. Мислевме дека оваа година ќе биде една од најдобрите, но се случи обратното – посочи Шаклев.
Министерството за земјоделство вчера соопшти дека жетвата на пченицата заврши на сите засеани 78.000 хектари површина. Просечниот принос е околу 3.500 килограми по хектар, а откупната цена се движи од девет до десет и пол денари по килограм.