Производството на мед може да биде голем извозен адут на земјава

909

Во време кога сѐ помалку млади луѓе му се посветуваат на земјоделството, младиот Михајло Размовски (25) размислува сосема поинаку и, како што вели самиот, младите треба да ја бараат иднината во сопствен бизнис или во некоја земјоделска гранка. Негов избор е пчеларството и нагласува дека Македонија може добро да се етаблира на големиот европски пазар, бидејќи чистата природа и здравата околина се гаранција дека медот од Македонија и неговите производи можат да бидат високовреднувани надвор од земјава.

– Со пчеларство почнав да се занимавам уште од детството. Можам да кажам дека изминативе 15 години сум во друштво на пчелите, бидејќи татко ми често ме носеше во нашите пчеларници. Почетниот страв од пчелите од ден на ден се намалуваше и денес тие се моите најголеми пријатели, бидејќи често сум во нивно друштво – вели Михајло Размовски.

За него пчеларството е вистинска опсесија и смета дека со сериозен пристап на државата и со заштита на вистинските пчелари, оваа гранка може да биде високопрофитабилна.

– Ако се има предвид дека нашата земја во поголемиот дел има чиста и недопрена природа, тоа е гаранција дека медот ќе биде чист, квалитетен и здрав за употреба. На пчеларите овој имиџ им го расипуваат поединци што добиваат мед по вештачки пат, кој само по бојата личи на природниот, а на пазарот го продаваат како висококвалитетен еколошки мед – додава Размовски.

Тој истакна дека покрај ангажманот на самите пчелари, во насока на развој на оваа битна земјоделска гранка треба да подаде рака и државата, посочувајќи дека тоа може да го направи преку субвенции за вистинските пчелари, да овозможи организиран откуп, а не како досега, пчеларите да шетаат по пазарите и да го продаваат медот тегла по тегла.

– Ние како потврдени пчелари треба да добиеме сертификати за нашиот квалитет, што ќе биде гаранција дека во наредните години и децении, она што ќе го пласираме на пазарот поседува висок квалитет. Проблеми постојат и ќе постојат, но последните години и природата се наврти против нас, бидејќи добиените количества мед се доволни само за прихрана на пчелите, а не и за продажба, а ние пчеларите остануваме без очекуваните приходи – додава младиот пчелар Размовски, кој поседува голем број пчелни сандаци во селата Железнец и Породин.

По процените на стручњаците на квалитетот на неговиот мед, тој беше прогласен за најдобар млад пчелар во Пелагонија за 2017 година.