Продолжува вртоглавиот пад во градежништвото

155
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Заради запирање на овој погубен тренд во еден од најважните сектори за економијата на секоја држава, од Здружението за градежништво при Стопанската комора на Македонија апелираат до надлежните институции во идниот период да се најдат решенија со кои ќе се зајакне поддршката на градежните фирми што се препознатливи по својот квалитет и имаат стекнато референции да работат и вршат градежни работи во странство

Градежништвото константно забележува негативни резултати, поради што паѓа и учеството на овој сектор во бруто-домашниот производ (БДП), а причина за тоа е намалената активност на градежните компании, како резултат на запирањето или забавувањето на крупните инфраструктурни проекти, како и на забавената инвестициска активност на приватниот сектор. Заради запирање на овој погубен тренд во еден од најважните сектори за економијата на секоја држава, од Здружението за градежништво при Стопанската комора на Македонија апелираат до надлежните институции во идниот период да се најдат решенија со кои ќе се зајакне поддршката на градежните фирми што се препознатливи по својот квалитет и имаат стекнато референци да работат и вршат градежни работи во странство.
– Поради намалената активност на градежните компании во изминатиот период, како резултат на запирањето или забавувањето на крупните инфраструктурни проекти, како и забавената инвестициска активност на приватниот сектор, градежништвото забележа негативни резултати, што беше причина и за пад на учеството на овој сектор во бруто-домашниот производ (БДП) во 2017 година за 17,3 отсто. Ваквиот тренд продолжи и во првото тримесечје од 2018 година, кога споредено со истиот период лани, градежништвото во БДП забележа пад од 37,2 отсто – истакна Андреа Серафимовски, претседател на Здружението.
Во првите четири месеци оваа година се издадени значително помалку одобренија за градење во однос на истиот период лани, односно бројот на издадени одобренија е намален за 40,54 отсто, додека предвидената вредност на објектите е намалена за 43,2 отсто. Овој пад најмногу се чувствува во делот на нискоградбата, каде што предвидената вредност на објектите за овој период, во однос на истиот период од минатата година е намалена за 58,7 отсто.

– Најголем застој во работата има на големите капитални проекти, патните делници Кичево – Охрид, Миладиновци – Штип и експресниот пат Градско – Прилеп. Сепак, здружението очекува дека брзо ќе се надминат причините што доведуваат до ваквите застои и ќе се продолжи со работа на овие два проекта, во кои се ангажирани голем број градежни компании, имајќи ги предвид заложбите на надлежните органи и активностите што се преземаат во насока на отстранување на пречките што ја забавуваат нивната реализација – нагласи Серафимовски.
Во изминатиот период значително намалување има и во однос на градежните работи во странство, посочи претседателот на здружението. Во првото тримесечје од 2018 година, споредено со истиот период лани, падот на договорени градежни работи во странство изнесувал 61,1 отсто, додека падот на извршените работи од страна на градежната оператива бил од 12,6 отсто, што покажува дека се реализираат веќе започнатите проекти, но намалено е договарањето нови проекти. Во таа насока, тој апелира до надлежните институции во идниот период да се најдат решенија со кои ќе се зајакне поддршката на градежните фирми што се препознатливи по својот квалитет и имаат стекнато референци да работат и вршат градежни работи во странство.
– Сепак, и покрај статистичките податоци, кои во овој период покажуваат негативни трендови, се надеваме дека работните активности ќе се придвижат во позитивна насока во следниот период, што влева надеж дека има можност за подобрување на состојбите во оваа стопанска гранка, која претставува сериозен двигател на македонската економија – истакна Серафимовски.
Во градежниот сектор, во моментот се евидентирани 4.814 активни деловни субјекти, кои вработуваат околу 53.300 лица, што претставува околу 7 отсто од вкупно вработените на ниво на државата. Дополнително, градежништвото со себе повлекува и околу 25 други гранки, кои заедно имаат значително големо учество во создавањето БДП во нашата земја, но се значајни и за развој на производствените и услужните дејности во државата.

Освен тоа, падот во градежништвото директно ги погодува и граѓаните, пред сѐ преку цената и квалитетот на становите што ги купуваат.
Цената на становите во Скопје ќе паѓа ако граѓаните почнат да купуваат квалитет, а не местоположба на станот, велат од Здружението за градежништво при Стопанската комора на Македонија. Се очекува оваа година да се достигне реалната цена на становите, со тоа што граѓаните ќе прават разлика меѓу квалитетот и местоположбата на станот.
– Време е граѓаните да ја диктираат цената на становите и да бараат квалитет. Не може цената на станови што се градени со квалитетен материјал, за кои е обезбеден паркинг, соодветно зеленило, да биде иста со цената на становите што се спротивност на тоа. Апелираме до сите потенцијални купувачи да внимаваат при купување стан во наредниот период. Досега побарувачката беше многу голема и се продаваа станови врз база на локацијата, наместо да се гледа квалитетот – објасни Серафимовски.
Тој додава дека становите во општината Центар нема да поевтинат, но во другите општини е можно намалување на цените за неколку проценти, во зависност од квалитетот на градбата и дали се исполнети условите за квалитетно живеење на граѓаните.
– Здружението ќе одржува обуки што ќе им помогнат на граѓаните да ја проценат вредноста преку квалитетот на материјалот, за што треба да побараат сертификат од изведувачот, бројот на паркинг-места, зелена површина. Скап стан не е локациски добар стан, туку технолошко-технички изведен стан со материјали од највисок квалитет, што нуди најдобри услови за живот – истакна Серафимовски.
Тој напомена дека нема да се случи поскапување на становите како во 2008 година, кога државата беше во слична ситуација во однос на зачленувањето на НАТО и цените беа зголемени за 25 отсто.
Според одобренијата за градење, во првите четири месеци од годинава е предвидена изградба на 2.150 стана, што е намалување од 29,64 отсто во однос на истиот период лани, кога биле предвидени 3.056.
Иако во намален обем, како што укажуваат од СКМ, изградбата на станбени објекти, и покрај големиот број непродадени станови, продолжува. Податоците на катастарот покажуваат пад на пазарот на недвижности во однос на обемот на тргување. Највисоки се цените во Центар, каде што изнесуваат 1.300 евра за квадратен метар и во Кисела Вода, Аеродром и Карпош, каде што квадратен метар чини од 950 до 1.050 евра.