Продолжен рокот за приватизација на државно земјиште

282

Собранието ги донесе измените на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост, со кои до 31 декември 2021 година се пролонгира рокот за поднесување барање за приватизација на земјиштето.

Осум дена по објавувањето на измените на Законот во Службен весник, граѓаните повторно ќе можат да поднесуваат барања за приватизација на земјиште во државна сопственост.

Рокот за поднесување барања по тој основ истече на 15 декември 2014 година.
Од Министерството за финансии велат дека со овој закон се излегува во пресрет на граѓаните и нивните барања. Продолжувањето на рокот е резултат на реакции од граѓани кои не успеале да поднесат барање за приватизација во изминатиот период.

Со законските измени, воедно се одложува и примената на одредбите од Законот кои се однесуваат на воспоставување закуп на градежно земјиште кое не е приватизирано.

Исто така, до крајот на 2022 година се пролонгира рокот за поднесување пријава за промена од корисничко право во право на сопственост пред Агенцијата за катастар на недвижности.

– Сите измени на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост се во насока на подобрување на услугите на Министерството за финансии како сервис на граѓаните – укажуваат од ресорното Министерство.