Проблемот со хрватската царина ги здружи превозниците

1127
­Фото: Дарко Андоновски

Со ваквите нестандардни мерки, цариниците ги прават превозниците неконкурентни на транспортниот пазар во Западна Европа

Македонските превозници плаќаат огромни казни на влез во Хрватска поради наводно неисправните царински обележја. Превозниците од Македонија, но и од регионот, се во многу незавидна положба, соочувајќи се со ваков начин на спроведување нестандардни мерки, како што спроведува Хрватска на своите гранични линии. И возачите од Србија, Бугарија, Турција и од Романија се жалат дека хрватските цариници намерно им ја оштетуваат пломбата и потоа ги казнуваат бидејќи тие се оштетени. Проблемот со оваа царинска служба започна пред повеќе од две години, односно со мигрантската криза и обидот на мигрантите да најдат начин да стигнат до државите од Западна Европа.

– Хрватската полиција ќе ги приведеше мигрантите, тие од своја страна ќе дадеа изјави како и на кој начин влегле во возилото, при што во целост се амнестира возачот како дел од постапката за влез во товарниот простор, со што нему му се дозволува понатамошно движење, за да може да ја заврши започнатата превозна операција. Во поголем број држави со овој чин завршува секоја постапка, но хрватската царина тоа го смета како нарушување на царинскиот простор, затоа што царинската сајла е скината. На почетокот наплатуваа 100 евра на име на глоба, но сега таа достигна и до 5.000 евра, а според информација на српските превозници и до 7.000 евра – објаснува Билјана Муратовска од Асоцијацијата на здруженија на работодавците на превозните трговски друштва на Македонија „Макам-транс“.

Според неа, превозникот што ниту е инволвиран ниту може да се заштити на кој било начин се казнува за дело што не го направил од една страна, а од друга страна има дополнителни трошоци затоа што има голема штета на возилото.

– И кога ќе стигне за истоварање му се наплатува за оштетената стока што била газена од лицата што влегле во возилото или во одредени случаи му се бара да ја плати целата стока, особено ако се работи за кондиторски производи, медицински материјал што во целост се смета дека не е употреблив – нагласува Муратовска.

Како што велат од српското здружение „Меѓународен транспорт“, во тек се договори за здружување со другите земји чии превозници исто така го користат овој правец и имаат исти проблеми, да се приклучат на акцијата за стопирање на незаконското постапување на царинските органи во Хрватска.

Здружението на превозници од Србија ги повика своите членови да ја избегнуваат Хрватска и да бараат алтернативен правец преку Унгарија и Словенија сѐ додека не се решат проблемите на непримерното однесување на цариниците.

Како што спомена Муратовска, веднаш по зачестените појави за ваков вид казни се обратиле до Амбасадата на Хрватска во Македонија, од каде што не добиле решение за овој проблем, а во исто време се обратиле и до Амбасада на Македонија во Хрватска, односно до Министерство за надворешни работи.

– Одговорот што го добивме е дека хрватската царина постапувала во согласност со некоја европска регулатива и проблемот остана нерешен и, наместо да се укинат казните, тие рапидно почнаа да се зголемуваат – појаснува Муратовска.

Од „Макам-транс“ додаваат дека за неправдата да биде уште поголема е и тоа што кога возачите ќе забележеле дека нешто не е во ред со возилото, пријавувале до надлежните органи дека имаат сомнеж за присуство на мигранти во возилото и, наместо да бидат наградени, тие се казнети како да биле соученици.

– Хрватска, Англија, Грција, а сега и Австрија без никаква вина ги казнуваат превозниците со неразумно високи глоби, со заплена на возила доколку во товарниот простор на возилата пронајдат мигранти што со помош на други криминални групи влегуваат во возилата. Сите овие случаи се пријавени во нашите амбасади во тие држави, но нема позитивен исход, казните се плаќаат за да може да се ослободат возилата и да се продолжи со вршење на дејноста – објаснува Муратовска.

Од „Макам-транс“ велат дека ако нема мигранти, тогаш одредени царински службеници во Хрватска ги оштетуваат металните прачки на возилата што ја држат церадата и изрекуваат глоби од 2.000 евра по возило заради небезбеден царински простор.

– Со вакви нестандардни мерки, цариниците ги прават превозниците неконкурентни на транспортниот пазар на Западна Европа – смета Муратовска.
Според Царинската управа на Србија, уште во 2016 година Србија потпишала конвенција за европски транспорт, во чии рамки било обврска да ја извести Европската комисија за сите детали на царинските обележја што ги користи.

– Никогаш досега не сме имале забелешки ниту, пак, проблеми со царинската администрација на соседите или на други земји каде што поминува стоката што ја превезуваат домашните превозници – објаснуваат од Царинската управа на Србија.
Оттаму велат дека хрватските цариници намерно ги оштетуваат обележјата на производите за да наплатат повисоки казни, а не поради директивите на Европската комисија за зајакнување на контролите поради мигрантите, како што велат од Хрватска.

Македонските превозници велат дека треба да се преземат какви било мерки за сузбивање на оваа појава.

– Во исто време бараме од нашата држава да го поткрене проблемот на повисоко ниво и кога се разговара за мигрантската криза со Европската комисија, да се бара заштита и на превозниците, а не само на мигрантите што се движат по главните транспортни коридори, да им се укаже на државите, особено на Хрватска, кои без факти и докази сметаат дека превозниците се виновни за тоа што некој влегол во возилото, притоа оштетувајќи ги возилото и стоката што се превезува, им изнудуваат огромни парични средства, со единствена цел да имаат што поголем прилив на средства во буџетот, не водејќи сметка колку превозници и возачи остануваат без работа и стануваат социјални случаи затоа што без вина ги прогласуваат за виновни и им ја одземаат тешко стекнатата заработувачка – истакна Муратовска.

Таа вели дека единствен начин да бидат заштитени е да се здружат државите, односно надлежните државни органи и со заеднички сили да се изборат и да ги заштитат од сите оние што на маката на превозниците сакаат да си ги зголемуваат приходите во својот буџет.