Проблемите со јаболкото

232

Според официјалните статистички податоци, јаболкото е најзастапен овошен вид во Македонија, кој денес зафаќа 50,2 отсто од бројот на родни стебла во однос на деветте вида што се предмет на следење на статистиката

Јаболкото претставува многу важен производ од повеќе аспекти. Според тоа, оправдано е што јаболкото, како и дел од вкупното овоштарство, има најважно место. Јаболкото е благороден производ, бидејќи е релативно „лесно“ за одгледување и трудот на земјоделците го наградува со обемот на родот и со незаменливиот вкус.
Македонија денес располага само со 16.000 хектари површини под овошје, кои се помали за 7.000 хектари во споредба со 1991 година. Денес овоштарниците зафаќаат 3,1 проценти од обработливите површини, а во 1991 година зафаќале 3,5 отсто. Поволните услови на Македонија за овоштарство не се искористени рационално ниту по обем ниту по асортиман. Според статистичките информации, кои опфаќаат само девет овошни вида, не може да се направи релевантна анализа на движењата на обемот под различни видови овошје, бидејќи недостигаат површини. Освен тоа, голем број овошни видови не се предмет на следење на официјалната статистика, иако се особено важни и за нив имаме сосема погодни услови, а трошиме пари за нивен увоз. Тука се некои видови како бадем, лешник, потоа ситно обоено овошје, кои имаат широк асортиман, трудоинтензивни се и погодни, како за директна консумација, така и за висок степен на финализација.

Според официјалните статистички податоци, јаболкото е најзастапен овошен вид во Македонија, кој денес зафаќа 50,2 проценти од бројот на родни стебла во однос на деветте вида што се предмет на следење на статистиката. Во 1991 година јаболката биле застапени со 32,2 отсто, меѓутоа по 2008 година нагло се зголемува таа застапеност, односно бројот на родни стебла, па, така, во 2012 година застапеноста достигнува 55,1 отсто. Тој период по 2010 година, кој се карактеризира со висока финансиска поддршка на земјоделството и овоштарството, го форсира со релативно висока поддршка јаболкото со средства за руралниот развој и со средства за директна поддршка на подигање, одгледување во првите години до прородување и понатаму со годишните програми за поддршка на земјоделството.

И покрај проблемите на земјоделците за продажба на јаболкото, државата за 2019 година ќе го поддржува производството на јаболка со 50.000 денари по хектар, на сливи (втори по обем на застапени стебла) со 36.000 денари, а со 30.000 денари по хектар на дуњи, кои учествуваат само со 0,7 проценти во структурата на родни стебла. Потоа, со иста сума, 30.000 денари по хектар, ќе се поддржува производството на мушмула, актинија, маслинка, калинка, смоква, аронија, шипка, рибизла, бадем и лешник и некои други, па очигледно е дека не се врши поддршка според националниот интерес, туку онака, според лаичка оцена на неодговорни службеници.
Поради тие причини настана експанзија на ширење за подигање на јаболкото, а никој не се прашуваше кој ќе ги откупува пазарните вишоци и колкави ќе бидат тие. Ако го проследиме обемот на годишниот род на јаболкото, ќе видиме силно зголемување по 1991 година, близу за три плати, со исклучок за 2017 година, кога кај сите овошни видови родот е намален од 20 до 50 проценти, а кај јаболкото за 57 отсто, па од над 100 илјади тони во 2016 година се добиени само 43,4 илјади тони. Чудно е дека претходните години, кога имавме род на јаболкото и повеќе од 100 илјади тони, продажбата беше изразена со толку високи проблеми како во 2018 година, иако родот од 2017 година бил многу понизок. Варијациите на количествата на вкупното производство се разбирливи (реални), бидејќи се зависни од метеоролошките услови по години, меѓутоа не се логични откупените количества по години, каде што во 1991 година е постигнато ниво на откуп близу 27 илјади тони, а во годините потоа ова количество не е достигнато.

Податоците од табелата покажуваат дека цената опаѓа со зголемување на производството. Покрај сериозните проблеми што се јавуваат, кај откупот не може да се види никаква активност за подобрување. Меѓутоа, постои закон за договорено производство, потоа сите произведени количества чие подигање на насадите е со средства од рурален развој и ИПАРД би требало да ги откупат оние откупувачи што дале писмена гаранција дека ќе го откупуваат производството. Најпосле, производителите мора да сфатат дека мора да формираат сопствени организации со вложување сопствени средства за истражување на пазарот, за градење преработувачки капацитети за сместувачки објекти и сл. Поддршката од државата не може да ги решава воопшто проблемите на производителите што не сакаат да преземат одговорност за сопствените интереси и да создаваат услови за побезболно поднесување на проблемите на пазарот, кој не е сентиментален.

Аграрната политика има сериозни недостатоци, а поддржува обем на производство што не може да се реализира.