Примателите на социјална помош преку „Еуростандард“ до 25 август треба да отворат сметка во друга банка

76

Министерството за труд и социјална политика ги известува корисниците на парични права од социјална и детска заштита и згрижувачките семејства кои биле клиенти на „Еуростандард банка“ и средствата ги добивале на картичка, ги подигнувале на шалтерите на банката, или ги добивале во својот дом, како и оние што ги подигнувале на шалтерите на „Македонски пошти“, дека заради продолжување на навремена и редовна исплата потребно е да го направат следново:

– Доколку покрај трансакциската сметка во „Еуростандард банка“ АД Скопје корисникот има трансакциска сметка и во друга банка (освен „Охриска банка АД Скопје“), да се обратат во таа банка заради поврзување на трансакциската сметка со социјалниот број, за да продолжи исплата на правото преку таа банка.

– Доколку корисникот нема отворено трансакциска сметка во друга банка, потребно е да отвори нова трансакциска сметка во некоја од банките во земјата (освен Охриска банка АД Скопје) заради поврзување на трансакциската сметка со социјалниот број, за да продолжи исплата на правото преку таа банка.

Корисниците на парични права од социјална и детска заштита и згрижувачите, при поврзување на постоечката трансакциска сметка, односно отварање на нова трансакциска сметка, задолжително треба да го известат вработеното лице во банката дека преку трансакциската сметка сакаат понатаму да им се врши исплатата на правото, информираат од ресорното министерство.

Корисниците на парични права од социјална и детска заштита и згрижувачите се известуваат дека поврзувањето на постоечката трансакциска сметка, односно отварање на нова трансакциска сметка треба да го направат најдоцна до 25 месецов, заради навремена исплата во месец септември.

Корисниците на парични права од социјална и детска заштита и згрижувачките семејства нема потреба да одат во центрите за социјална работа за да земаат социјален број.