Приклучувањето на гас ќе биде десет пати поевтино од сегашното

787
Реџепи: Наредната година ќе имаме масовно приклучување во повеќе градови во државата Фото: Маја Јаневска-Илиева

Бајрам Реџепи, директор на Национални енергетски ресурси (НЕР)

Гасот се смета за еден од најчистите енергенти, кој не ја загадува животната средина, и иако на дел од територијата одамна има пристап до гас, многу мал број компании го користат за своето производство. Зошто е слаба искористеноста на гасот во земјава од страна на компаниите и кога граѓаните би можеле да се приклучуваат на гасоводната мрежа, како и за многу други прашања разговараме со директорот на Национални енергетски ресурси, Бајрам Реџепи.

Иако на дел од државната територија повеќе години е обезбеден пристап до гас, преку главниот прстен што доаѓа од Бугарија, сепак, домаќинствата таму сѐ уште не се приклучени. На што се должи тоа, на недостиг од интерес за приклучување или на други фактори?
– Има интерес во целата држава, и тоа голем. Но, за жал, граѓаните немаат можност да се приклучат. Сега имаме само два оператора за дистрибуција, во Куманово и во Струмица. Многу мал дел од домаќинствата и компаниите во овие две општини имаат можност да се приклучат на овие дистрибутивни мрежи во двете општини, како што немаат можност во сите други општини во државата. Моментално цената за приклучок е многу висока, околу 800 евра, но и цената по кубен метар гас не е толку атрактивна. Тоа се должи на малата потрошувачка, нерегулираниот дистрибутивен систем, неразвиениот преносен систем, немањето алтернатива за снабдување со гас… Мислам дека веќе се создадени сите предуслови за брз развој на пазарот на гас и брз раст на потрошувачката, со што користењето на гас ќе стане атрактивно како од економска гледна точка така и од еколошки аспект.

Дали со пониски цени или со примамливи кредити ќе се зголеми интересот за користење на гасот во домаќинствата?
– Токму тоа е и нашата цел. Јас очекувам дека цената за приклучок ќе биде скоро десет пати поевтина од сегашната цена што се плаќа. Создадени се сите предуслови да се намалат и тарифите за пренос и дистрибуција и, секако, нашето интерконективно поврзување со грчката „Десфа“ ќе ни овозможи да имаме пристап и до поевтин гас. Но за да расте бројот на нови приклучоци, секако е многу битно да им помогнеме на домаќинствата да ги приспособат внатрешните инсталации за користење гас. Планот на Владата е со комбиниран модел за субвенционирање и обезбедување кредити со многу поволни услови, да се поттикне брз раст на приклучоците кај домаќинствата, индустријата и кај компаниите. Брзиот раст на потрошувачката ќе влијае за брзо опаѓање на цените.

Какви се очекувањата за развојот на гасоводот во иднина. Кога ќе биде достапен гасот за домаќинствата во Скопје или во другите поголеми градови?
– Изградбата на преносната мрежа на двата крака Прилеп – Битола и Тетово – Гостивар е при крај. Минатата година заврши со многу успешна реализација. Имавме околу 95 отсто реализација на фискалниот план за капитални инвестиции. Според сегашната динамика, двата крака ќе бидат изградени целосно до средина на оваа година и ќе станат оперативни до крајот на оваа година. Но, сепак, тоа не доволно. Потребно е брзо да се изгради и дистрибутивната мрежа. Владата веќе ја одобри тендерската документација за проектирање, изградба и одржување на дистрибутивната мрежа. Тоа ќе биде со јавно-приватно партнерство (ЈПП) на целата територија на државата, со единствена тарифа. Очекувам дека многу брзо ќе се објави повик за првата фаза од оваа постапка и треба да се затвори до есен. Првите потрошувачи во дистрибутивната мрежа можеби ќе се приклучат на крајот на оваа година, но наредната година сигурно ќе имаме интензивно градење и масовно приклучување во повеќе градови во државата.

Наскоро се обединувате со ГА-МА, што ќе донесе овој потег за НЕР, но и за граѓаните, кои се придобивките?
– Тоа произлегува од новиот закон за енергетика и треба да се случи ден поскоро, бидејќи и онака се доцни. Но тоа не зависи од НЕР. Одолжувањето на решавањето на овој проблем веќе ни создава големи проблеми. Тоа значи дека ние не можеме да ја ставиме во употреба делницата од Клечовце до Неготино и да генерираме приходи од дејноста, бидејќи единствената лиценца за пренос ја има ГА-МА, додека законот предвидува да има само една лиценца. Спојувањето на НЕР и ГА-МА значи нормално функционирање на преносниот систем, а нерешавањето на овој проблем ќе значи дека големи делници ќе стојат нефункционални, а ние да имаме потреба од буџетски средства за НЕР, што нема елементарна логика.

Како ќе се спроведува гасификацијата на терен до домаќинствата и до компаниите, дали таа инсталација ќе ја градат општините, државата преку НЕР и кој ќе стопанисува во иднина со дистрибуцијата на гасот до корисниците?
– Со одлуката на Владата што ја спомнавме погоре, тоа прашање веќе е затворено. Проектирањето, изградбата, развојот и одржувањето на дистрибутивната мрежа ќе се градат со ЈПП. Државата нема да има потреба од инвестиција, ниту општините. Тоа ќе биде на товар на приватниот партнер. Но пазарот на гас е целосно либерализиран и дистрибуција до корисниците ќе вршат повеќе оператори. За да биде појасно, треба да се направи компарација со пазарот на електрична енергија. Тоа ќе биде слично. Тоа е така скоро во сите други држави каде што има успешен и функционален модел.