Од Сојузот на лица со телесен инвалидитет признаваат дека, поради субјективни и објективни причини, не сите нивни членови се конкурентни на пазарот на трудот, така што паралелно се вложуваат напори за подобрувања и во таа насока

Во услови на пандемија, кога многумина ги губат работните места, многу е тешко некој да се вработи, особено лицата со телесен инвалидитет. И покрај правото на вработување што на овие лица им го гарантираат Уставот и законите, тие многу потешко се вработуваат, особено во јавниот сектор. Тоа, како што велат во Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет, го забележале многу одамна, поради што постојано им се обраќаат на властите со разни иницијативи и предлози, кои имаат цел да ја сменат оваа, за нив, крајно неповолна состојба. Од Сојузот признаваат дека, поради субјективни и објективни причини, не сите нивни членови се конкурентни на пазарот на трудот, така што паралелно се вложуваат напори за подобрувања и во таа насока.
Повикувајќи се на статистиките на Агенцијата за вработување, оттаму велат дека од вкупниот број инвалидни лица без работа, речиси две третини се со завршено или недовршено основно образование.
– Ваквите лица секако се неконкурентни, со малку вештини и знаење. Тоа можеби се должи на непристапноста до образовните објекти, на изгубената волја, малата подршка и можеби и на тежината на инвалидност. Ова укажува на потребата за доквалификација и преквалификација и на лицата со инвалидност, но исто така и на фактот дека треба да се сруши парадигмата дека лицата со инвалидност се болни и неспособни, тие се вредни и чесни работници и дури имаат помалку отсуства од работа од сите други – објаснуваат од Сојузот.

Од Агенцијата за вработување информираат дека поради погодности што се предвидени со Законот за вработување инвалидни лица, кај работодавците може да се забележи сѐ поголема заинтересираност за нивно вработување.
– Во периодот од 1 јануари 2020 до 31 декември 2020 година, регистрирани се вкупно 1.019 пријави на засновани работни односи – М1-обрасци, за лица со инвалидност, од кои 575 се регистрирани пријави на засновани работни односи на неопределено време, а 444 се регистрирани пријави на засновани работни односи на определено време и сезонска работа. Во согласност со Законот за вработување инвалидни лица, за работодавците што вработуваат инвалидни лица се предвидени повеќе основи за користење неповратни средства од посебниот фонд, и тоа за: вработување невработени инвалидни лица на неопределено време, за адаптација на работното место на кое работи инвалидното лице, за набавка на опрема што е во функција на работењето на инвалидните лица, како и за обезбедување работен асистент за инвалидно лице што е вклучено во работно оспособување – велат од Агенцијата за вработување, додавајќи дека вклучувањето на невработените инвалидни лица во програмите, мерките и услугите за вработување зависи од интересот, мотивацијата и можностите на невработеното инвалидно лице.
Сепак, од Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет се децидни дека за овие лица нема доволно вработувања во јавниот сектор.

– Државата си креира политика за работни места. Факт е дека кога зборуваме за вработување лица со инвалидност можеби најбитни се две работи. Првата е конкурентноста на пазарот, а втората е бројот на отворени работни места на кои тие можат да се вработат. Сега во приватниот сектор има доста вработувања, благодарение на Законот за вработување лица со телесен инвалидитет, кој го донесовме пред дваесетина година и кој нуди одредени бенефиции за работодавците при вработување лица со инвалидност, од оние дваесет еднократни просечни месечни плати за вработување, неповратни средства доколку се работи за целосно слепо лице или лице во инвалидска количка, тоа се 40 плати. Работодавците имаат одредени бенефиции, дваесет неповратни просечни месечни плати, меѓутоа по девет месеци, прво мора да покажат бонитет, девет месеци лицето да работи константно, дури потоа има право од посебниот фонд на средства да побара надомест, значи работодавецот сериозно го вработил, го држи вработен, му исплаќа месечно плата, редовно, чесно, коректно се однесува кон лицето. Потоа добива средства за опремување простор, доколку му треба адаптиран тоалет, пристапна рампа до работното место, доколку се работи за заштитни трговски друштва може да користат и средства за набавка на опрема. Тоа е поттикот што државата им го дава на работодавците, но мора повеќе да се нудат и работни места во јавниот сектор – смета Бранимир Јовановски, претседател на Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет.

На прашањето дали и колку се креираат работни места за лица со телесен инвалидитет, од Министерството за труд и социјална политика се повикаа на истиот закон.
– Во согласност со оперативниот план за вработување за 2020 и 2021 година, предвидени се субвенционирања за вработувања на 208 лица со инвалидност, додека во 2020 година се доделени средства за вработување на 189 инвалидни лица. Сите лица што се категоризирани како лица со инвалидност, во согласност со членот 2 од Законот за вработување инвалидни лица, имаат еднаков третман и услови при вработувањето. Самиот работодавец одлучува за тоа какви лица ќе вработи и на кое работно место и за истото тоа обезбедува соодветни услови за работа – информираа од Министерството за труд и социјална политика.