Претставници на ОН разговараа со македонскиот туристички сектор за предизвиците во пандемијата

29

Претставници на семејството на Обединетите нации (ОН) и на туристичкиот сектор во Македонија на онлајн-состанок разговараа за предизвиците со кои се соочува овој сектор поради пандемијата на ковид-19.

Учесниците на состанокот се согласија за важноста од почитување протоколи и мерки во помош на земјата да го спречи ширењето на новиот коронавирус, особено во претстојниот врв на туристичката сезона. Како и дека и покрај многуте предизвици, туристичките убавини на земјата може да се уживаат одговорно.

– Туризмот има голема улога во сегашната ситуација, зашто тоа што се случува во овој сектор не се однесува само на овој дел од економијата, туку и на здравјето, на добросостојбата на луѓето во земјата, на целата економија и на локалниот развој. Тоа што е важно е сите да разбереме дека животот мора да продолжи, дека работата мора да продолжи, но мора да се следат и мерките и протоколите за заштита, за да се избегне поголема штета – рече Росана Дуџак, Постојан координатор на ОН во Македонија.

За Џихан Тавила, шеф на канцеларијата на Светската здравствена организација (СЗО) во Скопје, реалност е дека ќе мора да живееме со вирусот подолго време и дека било кој кластер што ќе биде поврзан со одредена туристичка локација, ќе биде исклучително штетен за бизнисот, како и за неговото влијание на јавното здравје.

– Редефинирање и проширување на можностите за зголемување на туризмот во време на ковид-19: може да се мисли на нов туризам, да се биде иновативен и да се направат работите поинаку за да се зголеми безбедноста на услугите, квалитетот и безбедноста на вработените и гостите. Безбеден туризам може да стане нов стандард – рече Тавила.

Крсте Блажески, претседател на Хотелската Асоцијација на Македонија (ХОТАМ) информираше за тешкотиите со кои се соочува туристичкиот сектор од почетокот на пандемијата, а зборуваше и за значењето на заедничките напори да се надмине кризата.

– Состојбата е тешка, а ќе биде и потешка. Во овој момент се обидуваме да ги намалиме загубите. Сите треба да бидеме реални и иновативни; мора да работиме заедно да се надмине кризата, надевајќи се на подобри резултати идната година. Има многу непознати работи. Потребен ни е поголем заеднички напор за да се справиме со кризата. Од поголема контрола во спроведувањето на протоколите и превентивните мерки, до подобра кординација и поголемо разбирање дека сите треба по нешто да жртвуваме – рече Блажески.

Тој зборуваше и за напорите да се зачуваат работните места и платите на вработените.

– Беше многу тешко за некои од нашите членови да продолжат да исплаќаат плати и други трошоци без никаков приход. Лани имавме проблеми да најдеме работници. Сега се мачиме да ги зачуваме тие што ги имаме, за да не ги загубат своите работни места и да се осигураме дека заедно ќе излеземе од оваа криза – рече Блажески.

Дарко Димовски, од Сојузот на синдикати, претставувајќи го Синдикатот на вработените во туризам и угостителство ја посочи долгорочната важност од зачувување на работните места во сегашната ситуација.

– Работиме напорно, а учествувавме и во изготвувањето на мерките за заштита на работните места што ги подготви Владата, зашто не сакаме луѓето што сега работат да ги загубат работните места и да ја напуштат земјата веднаш штом кризата ќе стивне – истакна Димовски.

Учесниците на состанокот се согласија дека најважни работи за справување со тешката состојба предизвиката од пандемијата се да се биде иновативен, реалистичен, практичен и сите да бидат поодговорни со носење маски, оддржување дистанца и често и темелно миење на рацете.