Фото: Игор Бансколиев

Цените на сите земјоделски производи растат во синџирот на препродажбата, а профитот го собираат препродавачите, и тоа на штета и на производителите и на крајните потрошувачи

На зелените пазари низ земјава има сѐ поскапи производи, а сѐ помалку купувачи, додека некои од пазарите се речиси и празни. Килограм компир чини од 50 до 70 денари, исто колку и краставиците, додека доматите достигнуваат цена и до 160 денари. Марулата, пак, е околу 30 денари, а килограм кромид и по 70 денари. Упатените велат дека целата вина за овие збунувачки високи продажни цени паѓа на откупувачите, кои, со откупот на вишокот производи и со насочувањето на производството кон бараните сорти и европски стандарди, се претворија во организиран монопол, кој систематски ги тероризира земјоделците со ниски откупни цени и на сите начини спречува доаѓање на конкурентски откупувачи, за потоа откупените производи да ги продава по високи цени.

– Соочувањето со сѐ повисоки цени на земјоделските производи е процес што незапирливо трае. Тој е предизвикан од намалување на откупните цени на големо. Проблемот е и во сѐ поголемата бирократија и административен апарат, кој неколкукратно се зголеми за последните триесетина години, а за чие одржување се потребни финансиски средства што се прибираат од такси, лиценци, дозволи, потврди, акцизи… Сето тоа го оптоварува производот додека патува кон крајната цел, консументот – објаснува Љупче Станковски, претседател на здружението на земјоделци „Агрофаланга“.

Додека од една страна има незадоволни и финансиски немоќни консументи, од другата страна, како што вели тој, се разочараните земјоделци, кои со вакви ниски откупни цени можат да пропаднат.

– Како пример, откупната цена на јаболкото беше максимум осум денари, а на пазарите не видов цена под 30 денари. Истото е со сите земјоделски производи. Големата разлика помеѓу откупната и продажната цена, што ги уништува нашите граѓани, се создава од искалкулираниот работен ангажман на вработените во продавниците, индустриската цена на енергијата за ладилниците, одржување возила, кирии, даноци… Тие трошоци се толку големи, што веќе фиксно се поставуваат. Ако овоштарите им ги подареа јаболката на продавачите, тие пак ќе имаа цена од 15 денари – истакна Станковски.

Како што вели тој, земјоделците се подготвени своите производи да ги понудат на зелените пазари за повисока цена од откупната, но, за жал, тие постепено изумираат.
– Цената на спанаќ за откуп на големо во Велешко изнесува 8 денари. Истиот тој сомелен, спакуван и замрзнат, во шведски маркет чини 3 до 4 евра. Свеж спанаќ чини околу 7 евра. Нашите охридски цреши, кои се откупувале за 80 до 120 денари, на запад се продаваат за 15 до 30 евра. Мислам дека полека, но сигурно и ние се движиме кон таква дискрепанција, помеѓу откупната и малопродажната цена, бидејќи се движиме по примерот на ЕУ – смета Станковски.

Според земјоделците, состојбата со земјоделските производи се должи и на намалените засадени површини, на увозот на некои земјоделски култури, како и на заминувањето на младите од државата, што се одразува на квантитетот на производството.

За да стигнат од нивата до крајниот потрошувач, градинарските производи се препродаваат и по неколкупати. Познатата пиперка за ајвар во Струмичко се откупува од 15 до 25 денари за килограм, во зависност од квалитетот, но на пазарите на мало еден килограм од истата пиперка чини и по неколкупати повеќе. Земјоделците велат дека цените на сите земјоделски производи растат во синџирот на препродажбата, а профитот го собираат препродавачите, и тоа на штета и на производителите и на крајните потрошувачи.

– Разликата во цената навистина е огромна, тука производот најверојатно поминува неколку раце додека да стигне до оној кому му е потребен, а тоа е консументот, и затоа достигнува толку енормни цени – вели Ристо Велков, претседател на Сојузот на синдикатите на земјоделци.

Тој додава дека градинарските производи го започнуваат патот од еден пазар, на кој едни трговци ги откупуваат од производителите за потоа, најчесто на кванташкиот во Скопје, да им ја продаваат на други, а оттаму завршуваат на пазарите на мало по двојно или тројно повисоки цени.

Фото: Игор Бансколиев

[email protected]