Преку системот на Пакомак во 2019 рециклирани 28.002 тони амбалажен отпад

42

Пакомак и во 2019 година ги исполни националните цели, намалувајќи го негативното влијание на  амбалажниот отпад врз животната средина

Друштвото за управување со пакување и отпад од пакување ги објави своите резултати од напорите за организирана заштита на животната средина за 2019 година. Според официјалните извештаи за изминатата година, компаниите-членки на Пакомак пријавиле 50.537 тони амбалажен отпад од кои 55.41 отсто од пријавените количини се рециклирани или поточно 28.002
тони.

Согласно законот за управување со отпад, Пакомак ги исполни националните цели силно придонесувајќи кон заштитата и подобрување на состојбите со животната средина во нашата земја. Компанијата ја оправда дозволата за работа, гарантирајќи ја на тој начин сигурноста на своите клиенти членки. Наметнувајќи се како ефикасно бизнис решение за менаџирање на амбалажниот отпад,

Покрај бројните едукативни активности, 2019 година посебно ја одбележаа инвестициите во инфраструктура за одложување на отпад, како нешто за што беше констатиран недостаток. Континуирано се инвестираше во контејнери за стакло во 24 града во земјава покривајќи со тоа над 74 отсто од територијата, а покрај за стакло беа донирани и метални контејнери за пластика и хартија на град Скопје. Во следниот период исто така во град Скопје треба да бидат ставени во функција и новите контејнери за селективно собирање на амбалажен отпад, исто така донација од Пакомак.

Пакомак и понатаму ќе продолжи со инвестиции во комунална инфраструктура во градовите низ републиката, бидејќи во некои општини сè уште недостигаат контејнери за комунален отпад, ниту пак за селективно собирање.

– Наша цел е понатамошна соработка со локалните самоуправи, и на различни локации да има барем по еден контејнер за амбалажен отпад, пред се ПЕТ, хартија, лименки и стакло, како и да се обезбедат специјализирани возила кои ќе ги опслужуваат – вели г. Филип Ивановски, извршен директор на Пакомак.

Но, исто така не смее да се изостави како многу важен фактор и улогата на граѓаните, и нивната решителност и свесност за важноста да се селектира отпадот кој се однесува на пластичните шишиња, лименки, стакло и хартија и да ги фрлаат во посебен контејнер, се разбира во оние место каде нив ги има. Најпосле, комуналните претпријатија како единствени овластени собирачи на селектираниот отпад мора да бидат многу поефикасни и редовно да ги празнат контејнерите со селектиран отпад. Во спротивно ќе имаме ѓубришта околу контејнерите и тоа ќе биде дестимулирачко за граѓаните кои сакаат да селектираат. Комуналните претпријатија не смее да станат кочничари на започнатите процеси за примарна селекција на отпадот.

– Културата за селектирање и рециклирање на амбалажниот отпад е нешто на што треба да се работи континуирано. Нашите резултати велат дека од година во година постигнуваме напредок и успех, но сè додека секое домаќинство и угостителски бизниси го немаат ова како вообичаена пракса не можеме да кажеме дека сме ги постигнале целите. Ние сме сè уште во еден процес на развој и примена на оваа идеја.

Преку различни проекти сакаме да ги воспитуваме и насочуваме, пред сè, помладите, едуцирајќи ги за важноста на рециклирањето, но се разбира пораката ја
пренесуваме и до останатиот дел на засегнатата публика. Во секој случај би било неблагодарно да не се чувствуваме задоволно имајќи ја во предвид целокупната слика од почетоците до денес.

Кога го започнавме ова еко-патување наидовме на состојба на терен каде селектирањето на отпадот беше на многу ниско ниво, а како тема на дискусија воопшто и не постоеше. За разлика од денес кога за ова се разговара и свеста е подигната на повисоко ниво, но постои уште простор за работа – додава Ивановски.

Пакомак и во иднина ќе настојува да придонесе кон го минимизирање на негативното влијание на амбалажниот отпад врз животната средина, да промовира поодговорен однос на компаниите кон амбалажниот отпад, овозможувајќи со тоа поквалитетен живот за нас и идните поколенија.

За да имаме иднина, треба сите одговорно да се однесуваме! Граѓаните да го селектираат отпадот, институциите да се грижат за негово селектирање и рециклирање, а компаниите загадувачи да плаќаат соодветен надоместок за тоа. Животната средина е неповратен ресурс. Ако еднаш ја уништиме, тешко повторно да ја повратиме. Затоа сите ние треба да биде одговорни, и секој во својот домен да придонесува, истакнуваат од Пакомак.