Преку регионален пазар до пониски цени на електричната енергија за потрошувачите

1197

Единствениот пазар на електрична енергија е најдобар начин за зголемување на транспарентноста и конкурентноста меѓу сите учесници на пазарот – производители, снабдувачи и трговци зашто за сите нив важат правилата. Конкурентноста создава простор за технолошки иновации и нови вложувања кај сите учесници. Тоа ќе значи конкурентни цени на струја за потрошувачите, како што покажуваат искуствата на западноевропските земји каде што функционира единствениот пазар на електрична енергија, истакна премиерот Зоран Заев на отворањето на Регионалниот форум на преносни систем-оператори од регионот на Југоисточна Европа.

Заев оцени дека средбата е од исклучително значење ако се има предвид нејзината цел – креирање единствен пазар на електрична енергија и негово вклучување во паневропскиот пазар на електрична енергија.

– Листата учесници на форумот, присуството на генерални директори, извршни директори, претседатели на управни и надзорни одбори на оператори на електропреносните системи од Македонија, Албанија, Србија, Бугарија, Грција, Косово, БиХ и високи претставници на управите на систем-операторите од Хрватска и од Словенија зборува за значењето на средбата и иницијативите што се очекува да произлезат од неа – вели премиерот.

Според него, за остварување на таа благородна цел што ќе биде од огромна корист и за граѓаните и за националните економии, огромно е значењето на размената на искуства за досега стореното и што останува да биде усогласено во исполнување на европските регулативи како патокази кон финалната одредница – вклучување на регионот во европскиот пазар на електрична енергија.

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев нагласи дека форумот во Охрид е првиот чекор на патот кон создавањето регионален пазар на електрична енергија.
– Крајна цел на сите активности е намалување на цените на електричната енергија во регионот и изедначување со цената на електричната енергија во Европа. Иако Европа е поразвиена и побогата, денес има пониска цена на електрична енергија од нејзината пазарна цена во регионот. Намалувањето на цената на електричната енергија зависи само од инвестиции во електроенергетскиот преносен систем и добра соработка во регионот. Кога ќе ги собориме административните бариери, за што ќе се разговара на овој форум, и кога ќе се инвестира во капацитетите, пазарот ќе го стори своето и цената во Европа ќе стане еднаква, односно пониска во регионот – смета Анѓушев.

Сите држави од ЈИЕ имаат свои берзи, но тие се практично нефункционални, волуменот на нивното тргување е мал и немаат поголемо значење. Македонија го решава ова прашање со новиот Закон за енергетика, кој, како што рече Анѓушев, овозможува дополнителна либерализација на пазарот и формирање организиран пазар на електрична енергија.

– Се обидуваме да направиме исчекор и да направиме каплинг на пазарот на електрична енергија во Македонија. Во таа насока, подобрувањето на политичките односи со Бугарија, како една од точките на дискусија на заедничката меѓувладина седница во Струмица беше прашањето за каплинг на македонскиот и бугарскиот пазар на електрична енергија. Тоа значи изедначување на цената на електричната енергија со онаа во Бугарија, каде што има пониски цени на струјата оттаму што Бугарија е нето-извозник на струја – нагласи Анѓушев. Клучен предуслов за да се воспостави и профункционира единствен пазар на електрична енергија се преносните систем-оператори, надлежни и одговорни за стабилност и сигурност во управувањето со националните електропреносни системи.