Преземени сите мерки за заштита од свинска чума

97

Иако мерките против африканска свинска чума се на највисоко ниво, не е исклучена можноста од појава на болеста во земјава, заклучија ветеринарите на координативниот состанок. Државата, според нив, е подготвена да се справи со ризиците бидејќи постапува во согласност со меѓународните стандарди и практики.

Ветеринарите уверуваат дека дијагностицирањето на болеста може да се изврши за неколку часа, зависно од примерокот, состојбата во која се наоѓа и начинот на неговата обработка. Апелираа, при секоја промена на здравствената состојба кај свињите, сопствениците веднаш да го пријават случајот кај ветеринарен лекар.
Не сакаа да шпекулираат колкави се шансите во земјава да се појави африканска чума, но рекоа дека постојат реални шанси и можеби е само прашање на време кога ќе се случи тоа оти болеста се пренесува преку предмети, храна од животинско потекло, но и преку дивите свињи, кои се сериозен извор на инфекција.

Една од пораките на состанокот беше ЈП „Македонија пат“ да постави контејнери за непречено фрлање отпад, особено од туристите, а комуналните претпријатија повеќе да водат сметка за собирањето и транспортот на отпадот. Притоа е важно тој да се однесе на депониите каде што соодветно ќе се третира.

– Во земјава нема африканска свинска чума, но државата ги презема сите превентивни мерки. Изминатите денови беше спроведена контрола на границите, при што се проверуваше дали туристите носат производи од животинско потекло во својот личен багаж – рече директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Зоран Атанасов.
Секојдневна е и контролата на сточните пазари, се следат влезот и излезот, да се знае каде се движат животните и дали доаѓаат од фарми што се под контрола.
– Многу е важно да се врши контрола на добиточните пазари, а таму, како што веќе информиравме, се издадени наредби од страна на АХВ да не се дозволува движење на добитокот без уверенија и сертификати за неговата здравствена состојба – истакна директорот.

Факултетот за ветеринарна медицина ги презема сите протоколи и мерки за идентификација и дијагноза на болеста.
– Имаме обучен персонал, квалитетни лаборатории, најнова опрема за дијагностика на африканска чума, но болеста досега не е докажана во ниту еден случај. На факултетот е воспоставен и систем на пасивно дежурство, за време на викендите и за време на празниците. Перманентно сме во состојба на подготвеност и во координација со АХВ и Ветеринарната комора – рече деканот Лазар Пендовски.

Претседателот на Ветеринарната комора, Томислав Николовски, подвлече дека е најважно да се издигне свеста за африканската чума, особено кај одгледувачите на свињи. За таа цел, наредните денови преку ветеринарните друштва и АХВ ќе бидат дистрибуирани прирачници за препознавање на болеста, прирачници за биосигурносните мерки на одгледувалишта, како и постери на значајни посетени места во руралните средини.

Африканската чума е опасна и заразна болест, која ги пустоши фармите. Се манифестира со висока температура, повраќање и појава на црвени дамки по телото. Предизвикува крвавење во сите органи, внатрешни и надворешни. За неа нема терапија, ниту вакцинација. Последиците се катастрофални, особено од економски аспект. Моментно, најблиску, ја има во Бугарија каде што се детектирани повеќе жаришта. Е.Р.