Фото: Маја Јаневска-Илиева

Поради пандемијата, бројот на патници во автобускиот, железничкиот и авионскиот транспорт е значително намален. Инволвираните стравуваат дека одредени фирми нема да ја преживеат зимава, а на автобуските превозници дополнителен удар им задава и нелојалната конкуренција

ПОРАДИ МЕРКИТЕ ЗА ЗАШТИТА НА ЈАВНОТО ЗДРАВЈЕ

Пандемијата ја десеткува работата на превозниците на патници, а многумина стравуваат од затворање на компаниите доколку и понатаму бидат принудени да возат со намален капацитет, поради една од мерките за заштита на јавното здравје. Податоците што ги објавува Државниот завод за статистика покажуваат дека бројот на патници е намален кај сите типови превоз, како во автобускиот, така и во железничкиот и авионскиот превоз. Притоа, податоците покажуваат дека намалување на бројот на патници во железничкиот превоз се забележува уште во првиот квартал оваа година во споредба со истиот период лани. Па, така, ако лани во привиот квартал биле превезени 130 илјади патници, во истиот период оваа година тој број бил сведен само на 93 илјади. Особено голем пад на бројот на патници во железницата има во вториот квартал, кога биле превезени само 28 илјади патници. Истиот период минатата година имало 147 илјади корисници. А најголемо намалување на бројот на патниците во градскиот превоз се забележува во вториот квартал годинава, кога биле превезени 6.746 илјади патници, додека во истиот период минатата година биле превезени 18.570 илјади корисници.

Железницата со милионски загуби

Претставниците на „Железници на Република Северна Македонија – транспорт АД“ посочуваат дека загубите во патничкиот сообраќај за првите десет месеци оваа година изнесуваат 40.000.000 денари.
– Подобрувањето на состојбата со превозот на патници е директно поврзано со пандемијата, па затоа не можеме да предвидиме кога ќе се случи тоа. Што се однесува до линиите надвор од Македонија, како таа од Белград до Солун, прекинот не е поврзан само со пандемијата. Железничката инфраструктура во Србија се реконструира на потегот од Ниш кон границата со нашата држава, што ќе трае најмалку 24 месеци. Во овој период возот нема да сообраќа. Ситуацијата во товарниот сообрак?ај е исто така сериозна и ЖРСМ-транспорт АД има загуба од 145 милиони денари. Се надеваме дека ситуацијата со ковид-19 наскоро ке се надмине и дека мерките нема да бидат поостри – велат од ЖРСМ-транспорт.
Познавачите на состојбите во железницата во повеќе наврати укажуваа дека предноста на железничкиот превоз е што не загадува како другите видови и дека токму тоа е една од причините поради кои тој масовно се користи во развиените земји. Експертите укажуваат дека превозот со железница во Македонија би можела да се заживее преку нејзиното користење за превоз на патници за кратки дестинации, како од Скопје до Велес, до Тетово и до Куманово, или пак со воведување посебна линија до аеродромот во Скопје.

Автобускиот превоз пред колапс

Намален е и бројот на патниците што користат автобуски превоз, а раководителот на Меѓуградската автобуска станица во Скопје, Душко Јовановски, истакнува дека есенскиве месеци состојбата е уште полоша.
– Бројот на патници е значително намален во споредба со летните месеци, кога имаше некакво раздвижување, иако и тогаш не беше како пред пандемијата. Овие месеци се чувствува дека луѓето го избегнуваат јавниот превоз. Од една страна, ние возиме со намален капацитет, одредбите од институциите да се користи само 50 отсто од капацитетот се почитуваат од превозниците, но уште поголем проблем е што ниту една линија не исполнува ниту педесет проценти. Вака лошата состојба може да доведе до затворање на дел од компаниите, бидејќи со месеци работат со загуби. Доколку наскоро пристигне вакцината, која ја очекуваме со нетрпение, и ако се едуцираат граѓаните, да не стравуваат оти со возење во автобус ќе добијат вирус, можеби делумно ќе се санираат штетите и ќе се избегне колапс. Имаме впечаток дека поради укажувањата оти вирусот повеќе се шири во затворен простор, се создаде отпор кон јавниот превоз, што исто така влијае врз сегашното намалување на бројките – објаснува Јовановски.
Тој додава дека најголема надеж им влева очекувањето за вакцинација, што би можело да ја врати довербата во јавниот превоз.

За дивите превозници не важат мерките

Јовановски укажа на „дивите превозници“ како проблем што дополнително ја влошува позицијата на превозниците што работат во согласност со законите.
– Со владините мерки за користење на 50 отсто од капацитетот, за нас работата е преполовена и немаме исплатливост. Но овие правила не важат за дивите превозници, бидејќи тие возат без да бидат пријавени како превозници и истовремено работат со целосно исполнети капацитети. Има диви превозници што со своите автомобили превезуваат луѓе, и тоа по четворица патници, а бидејќи не намируваат трошоци кон државата, тие се во многу подобра состојба од сите легални превозници. Истовремено, нивната заработка е иста, возилата им се полни и во двата правци, не возат со преполовен капацитет и немаат трошоци. Имаме сознанија дека се формираат онлајн групи за организирање на превозот. Таква група е формирана за реонот околу Битола, со 20 илјади члена, каде што превозници што не се пријавени, немаат фирма и немаат давачки кон државата, секој ден превезуваат патници на различни дестинации со неколку возила. Дополнително, тој тип превоз сега е многу поорганизиран и го користат повеќе луѓе, бидејќи им е поевтино – истакнува Јовановски и дополнува дека и меѓународните линиите се речиси целосно замрени.