Првиот квартал е само најава на колапсот на економијата

162
Веќе од десетти март почнаа проблеми за некои компании - Фото: Маја Јаневска-Илиева

Економските проблеми предизвикани од коронавирусот веќе се толку големи што најголемиот број земји се одлучија за олабавување на рестриктивните мерки, па макар со ризик за негово повторно појавување, објаснуваат експертите по информацијата дека во првото тримесечје домашниот БДП пораснал за едвај 0,2 проценти, што воопшто и не е раст

Традиционално намалените економски активности на почетокот на годината, како и мерките за сузбивање на ширењето на коронавирусот, значително се одразија врз бруто-домашниот производ. Статистичките податоци покажуваат дека во првото тримесечје домашниот БДП пораснал за едвај 0,2 проценти, што воопшто и не е раст. Дали вака ниските перформанси во првото тримесечје се и показател дека кризата почнала порано од првичните очекувања, но и какви се шансите на земјава за нејзино надминување, разговараме со претставници на бизнис-секторот и со домашни експерти.

– Првиот квартал од годината и традиционално е најслаб, но оваа година за овој слаб резултат дополнително влијание имаше и коронавирусот. Имено, веќе од десетти март се затворија градинките и училиштата и по еден родител на децата до десет години беше ослободен од работа. Од 11 март се ослободија и хронично болните лица, што значеше намален број на работни часови и помало производство и услуги. На 14 март се затворија угостителските објекти, моловите, хотелите, што исто така имаше негативно влијание на бизнисот. Ова значи дека во март имаше голем пад на економијата, што влијаеше и на слабите резултати на целиот прв квартал – објаснува претседателот на Организацијата на работодавци на Македонија, Ангел Димитров.

Тој објаснува дека традиционално првиот квартал е послаб од другите, најмногу поради падот на потрошувачката и неповолните услови за градежништвото, бидејќи јануари како ладен месец е кочница за градежните компании, кои се соочуваат со проблем со изведување на некои градежни работи. Димитров објаснува дека во јануари речиси нема дејност што нема слаби резултати, затоа што граѓаните се истрошуваат за Нова година и потоа прават мала пауза од пазарење, како и поради тоа што околу божиќните и новогодишните празници голем број компании користат неискористени денови од годишниот одмор од минатата година и ги спојуваат празниците.

– Се разбира, ова е само најава за поголемата криза во вториот квартал, особено ако се има предвид дека и во јуни бројот на заразени се зголемува и можно е затворање цели производствени погони поради присуството на вирусот. Да се надеваме дека овој втор бран нема да продолжи и во јули и дека набрзо ќе заврши. Во спротивно, треба сите да се приспособуваме да живееме и работиме во состојба кога вирусот е присутен. Ова ќе бара приспособување и на граѓаните и на компаниите и на државните органи. Економските проблеми предизвикани од коронавирусот веќе се толку големи што најголемиот број од земјите се одлучија за олабавување на рестриктивните мерки, па макар со ризик за негово повторно појавување – дополнува Димитров.

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека БДП во првите три месеци од годинава е на ниво од 0,2 отсто. Во првиот квартал од годинава е забележан раст на домашната потрошувачка од 2,7 отсто, но регистриран е пад на извозот од над седум отсто. Намалување има и кај увозната страна од близу пет отсто.
Со почетокот на кризата, владините институции ги променија прогнозите за раст на економијата и сега очекувањата се дека на крајот на годинава економијата ќе се намали за 3,5 проценти.

– Растот во првиот квартал е нулти, наместо минимален, со оглед на тоа дека зборуваме за „раст“ од 0,2 проценти. Тој е „на позитивна нула“ пред сѐ поради зголемувањето на потрошувачката на домаќинствата, која учествува со дури 63 проценти од БДП. Без овој пораст на потрошувачката на домаќинствата за 2,7 отсто, вкупниот раст на БДП сигурно ќе беше негативен – објаснува економистот Здравко Савески.

Очекувањата се дека економски најлош период ќе биде второто тримесечје, кога се смета дека падот ќе достигне и над 12 проценти.
– Бидејќи кризата влегува само со 20 од 90 дена во првиот квартал, вистинскиот ефект на кризата ќе се види во вториот квартал, иако и во тој квартал негативниот ефект врз БДП ќе биде ублажен поради задолжувањето. Веќе во третиот квартал ќе може да се види колку се сериозни последиците од корона-кризата врз краткорочните движења во економијата. А на долг рок, големото ниво на задолжување ќе има негативни последици врз БДП, а особено врз животниот стандард на голем дел од луѓето. Едно е сигурно, колку подолго трае здравствената криза толку посериозни ќе бидат економските последици – истакна Савески.