Правно издржано решение или задоволување нечија амбиција?

341
Жителите на Иловица и Штука бараа породолжување на археолошките ископини Фото: Маја Јаневска-Илиева

Блокадите пред локацијата предвидена за изградба на рудникот „Иловица – Штука“ во текот на изминативе денови ја брануваат јавноста, по што реагира Владата, која го задолжи Министерството за економија што побрзо да донесе одлука за актуелните состојби, односно за рудникот. Затегнатата состојба, која ја следеше екипата на „Нова Македонија“ на терен, каде што перманентно деновиве протестираа активисти што се против отворањето на рудникот, но и граѓани што сакаат да работат (на археолошките ископини, но и во рудникот), беше причина да побараме одговори и од Министерството за економија за иднината на рудникот, кој е орган на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на минералните суровини, додека концедент е Владата на Македонија.

– Концесионерот „Еуромакс ресурсис“ има доставено барање за издавање дозвола за експлоатација, но истото тоа не ја содржеше целокупната документација во согласност со Законот за минерални суровини. Имајќи го предвид стратегиското значење на локацијата, како и дека станува збор за потенцијален рудник за експлоатација на металични минерални суровини, кои се, исто така, стратегиски значајни за државата, Министерството за економија за целокупниот тек на постапката ја информира Владата, која како концедент единствено има право да доделува и да одзема концесии за минерални суровини – појаснуваат од Министерството за економија.

Оттаму исто така ни посочија дека по задолжение дадено од Владата, Министерството за економија доставило „информација за состојбата со исполнетоста на условите за добивање на дозвола за експлоатација на локалитетот Иловица во општината Босилово, по што Владата донесе заклучок со кој го задолжи Министерството за економија да донесе решение за одбивање на барањето за дозвола за експлоатација, доколку за тоа се исполнети законските услови, поточно во конкретниов случај доколку не е доставена целокупната документација, која се бара во согласност со Законот за минерални суровини“.

– Истовремено, Владата го задолжи Министерството за економија по донесувањето решение за одбивање на барањето за издавање дозвола за експлоатација, до Владата да достави предлог-одлука за едностран раскин на предметниот договор за концесија, а следејќи ги одредбите од Законот за минерални суровини – додаваат од министерството.

Надлежните појаснуваат дека кога основано и во согласност со закон се одзема концесијата, не може да има негативна перцепција меѓу идни и потенцијални инвеститори за условите за работа во Македонија.
– Имено, во секоја држава и во секој правен систем доделеното право од државата се одзема доколку не е постапено во согласност со законските одредби и во законски утврдениот рок – истакнуваат од министерството.
„Нова Македонија“ исто така праша дали ако се раскине договорот за концесијата, ќе се распише конкурс за избор на нов концесионер и дали постои став дека на просторот над селата Иловица и Штука ќе има рудник, на што надлежните посочија дека не можат да одговорат по ова прашање бидејќи договорот за концесија за експлоатација на локалитетот Иловица не е раскинат.
Од Министерството за економија исто така нѐ информираа дека досега „нема пристигнато барање или пројавување интерес од друг субјект за рудникот ’Иловица‘“.
Претставниците, пак, на компанијата „Еуромакс ресурсис“ не посочија дали би презеле некакви чекори за обесштетување доколку дојде до раскинување на договорот за концесија.

– „Еуромакс“ се залага за заштита на интересите на двете страни на концесискиот договор, за бенефиции на сите засегнати со проектот „Иловица – Штука“, особено локалната заедница. Од таа причина се воздржуваме од какви било коментари – е наведено во одговорот од компанијата.

На терен веќе две недели граѓани – активисти, жители на селата Иловица и Штука, но и пошироката околина од раните утрински часови се собираат пред локацијата предвидена за археолошки ископини и за изградба на рудникот за бакар, за да спречат какви било активности насочени кон отворање на рудникот.

Од минатата недела на стотина метри оддалеченост почнаа да протестираат и жители на споменатите села, кои, пак, бараат да им се овозможи да продолжат со работа на археолошките ископувања за што имале договори со Заводот во Струмица. Посочуваа дека економската состојба им е многу лоша и дека нема услови за нормална егзистенција, па работењето на ископините, но и во рудникот ќе им ги подобри животните услови, односно ќе имаат плата за нормален живот.

[email protected]