Македонската економија во вториот квартал испорача пораст од 3,1 отсто по пет квартали стагнација. Сепак, овој раст делумно се должи на ниската споредбена основа од вториот квартал во 2017 година. Во првиот квартал од оваа година, економијата порасна за само 0,1 отсто во споредба со истиот период лани. Минатата година не постигна пораст, таа заврши со стапка од нула отсто. Стагнацијата на домашната економија во 2017 година главно се должи на падот на градежништвото. Според економските експерти, порастот во вториот квартал го придвижиле преработувачката индустрија и извозот, што укажува дека постојните странски компании се главни мотори на растот, а другиот дел од економијата е со бавни знаци на заживување. Градежништвото и новите инвестиции сѐ уште се издишани.

– Во согласност со објавените проценети податоци, по слабиот раст во првиот квартал, во второто тримесечје, растот на БДП значително забрза на 3,1 отсто, што сепак е нешто пониско остварување во споредба со проекцијата. За третиот квартал, при ограничен обем на расположливи податоци, засега не може да се даде попрецизна оцена за состојбата во економијата, но сепак, најголемиот дел од податоците упатуваат на продолжување на поповолните движења во економијата и во овој квартал од годината – велат до Народна банка на Република Македонија.

Иван Вчков, економски аналитичар во институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“, нагласува дека првично позитивна одлика на овие податоци е дека споредено со кварталите од претходните години Македонија забележува позитивен раст.

– Во претходните години тој раст релативно се движеше околу нулата така што е дефинитивно позитивна промена. Но мора да се истакне дека ваквата позитивна одлика првично се должи на ниската основа на БДП во вториот квартал од минатата година. Имено, тогаш Македонија ја имаше забележано единствената негатива споредено со вториот квартал од 2016 година (-1,3 отсто) така што споредено со толку ниска основа не е ни чудно што сега се забележува позитивен раст од 3,1 отсто – истакна Вчков.

Според него, придвижување на растот од производната страна е главно водено од преработувачката индустрија, која забележува подобрување од претходната година.

– Додека, пак, од трошочната страна е воден од разликата меѓу увозот и извозот, каде што иако двете забележуваат раст, извозот забележува поголем раст, околу 13 отсто. Овие две причини најверојатно се должат на зголемената активност кај странските фирми – појаснува Вчков.

Тој додава дека и покрај овие податоци, не би можеле да кажат дали економија почнува да ја надминува кризата, со оглед на фактот дека капиталните проекти се со ниска реализација, како и тоа дека инвестициите продолжуваат да стагнираат.

– Потребно е да се видат податоците од третиот квартал за да може да видиме дали ќе имаме подобрување на економијата. Порастот мора да биде обезбеден со извршување на клучните големи капитални инвестиции во Македонија, да се дефинира што ѝ е потребно на Македонија, инвестирање во другите клучни сектори како здравството и образованието – вели Вчков.

Како што нагласува тој, лошата реализација на капиталните инвестиции како и лошата ситуација во градежништвото продолжуваат негативно да влијаат врз подобрување на економската слика.

– Ако продолжи ваквото темпо и во следните два квартала најверојатно тешко е дека нашата економија би постигнала раст од 3,2 отсто како што тоа беше најавено од Владата. Дополнително, ваквата слика укажува дека е потребен ребаланс во расходите на буџетот особено кај капиталните расходи. Самата подреализација на капиталните расходи исто така укажува на потребата од пренамена на неискористените средства во други инвестиции и сектори што ѝ се потребни на Македонија – објаснува Вчков.

Според универзитетскиот професор Марјан Петрески, на долг рок е битно да се работи на зголемување на потенцијалот на економијата, односно да може да ја помрдне Македонија оваа долгорочна стапка на раст.

– Првиот фактор што сметам дека ќе го помести долгорочниот раст на економијата е производната база во економија, која полека почна да се зголемува и структурно да се поместува со влезот на странските фабрики – истакна неодамна Петрески.

Професорот вели дека не треба да се напушти тој концепт на зголемување на производната база, зајакнување на нејзината технолошка основа и поврзување со домашната производна база, која можеби не е доволно силна сама да се вклучи на меѓународните пазари и во глобалните синџири на снабдување.

– Вториот фактор е човечкиот капитал, каде што ние значајно потфрламе. Ќе може да имаме поголем раст на долг рок, ако сите ние како работници сме попродуктивни, за што клуч се образованието и здравствените политики. На глобално ниво, главната дебата е дека клучни се вештините, а не самите дипломи или степени на образование. Третиот фактор се институциите, нивната кредибилност и владеењето на правото – смета Петрески.

Според него, зајакнувањето на институциите е важно за да осигури праведен и еднаков амбиент за работа и стопанисување на сите.

– Ако ги поставиме овие темели на економијата, тогаш ќе може на среден до долг рок да зборуваме за зголемен потенцијален економски производ, односно да го зголемиме оној долгорочен раст на 5 отсто, па и повеќе на многу долги патеки. Тоа е неопходно за да се почувствува значајно придвижување во животниот стандард на населението – посочува Петрески.