По која цена ќе се задолжуваме во иднина

136

Домашните економисти сметаат дека колку подолго и поинтензивно трае здравствено-економската криза, толку ќе биде поголема и потребата од надворешно финансирање и посочуваат дека пари од странски извори ќе има, само прашањето е по која цена ќе се обезбеди новото позајмување и дали ќе се искористи и за создавање услови за поддршка на постпандемискиот раст, пред сѐ, преку интензивирање на капиталните инвестиции

ОТКОГА НА СВЕТОТ МУ СЕ ЗАКАНИ ДОЛЖНИЧКО ЦУНАМИ

Дали Македонија ќе има пристап до финансии од меѓународните финансиски институции во следниот период и по која цена, е прашањето што се наметна по објавата дека пандемијата значително ги зголемила долговите на државите, со што светскиот долг нагло пораснал оваа година. Како што соопшти Институтот за меѓународни финансии во кој членуваат над 400 банки и финансиски институции од целиот свет, само кај напредните земји долгот се зголемил на 432 проценти од БДП во третиот квартал, што претставува зголемување за 50 проценти во споредба со 2019 година.
– Постои значителна неизвесност за тоа како глобалната економија ќе се раздолжува во иднина, без значителни негативни импликации врз економската активност – соопштија од институтот предупредувајќи дека се подготвува „должничко цунами“.
Она што е особено значајно за нас, е дали Македонија ќе има пристап до финансии од меѓународните финансиски институции во следниот период и по која цена. Познавачите велат дека во овој случај, поради пандемијата, задолжувањето било неминовно.

– Долгот на Македонија, како и во голем број други земји, порасна значително под притисок на кризата со ковид-19. Нашата земја се задолжи на комерцијалниот пазар со еврообврзница во износ од 700 милиони евра и доби концесионални кредити од ММФ, Светската банка и Европската Унија, што го зголеми долгот за околу милијарда евра, односно за близу 10 проценти од БДП. Со тоа, психолошката бариера од 60 отсто беше надмината, меѓутоа во контекст на кризата таа изгуби секакво значење. Клучно е и ќе остане некој период, со овие средства непречено да ги финансираме потребите на здравствениот сектор, да ги спасиме економските агенти – најпогодените фирми и граѓани – од ефектите од пандемијата и да создадеме услови за поддршка на постпандемискиот раст, на пример преку интензивирање на капиталните инвестиции – вели универзитетскиот професор Марјан Петрески.
Тој истакнува дека колку подолго и поинтензивно трае здравствената криза, толку ќе биде поголема и потребата од надворешно финансирање и објаснува дека за следната 2021 година веќе е предвиден буџетски дефицит од 4,9 проценти, а истиот тој, бидејќи е опкружен со неизвесност, според него, може да биде и поголем доколку се соочиме со трет бран на пандемијата или со неефикасно или бавно вакцинирање.
– Овој дефицит, заедно со еврообврзницата што доспева во јуни 2021 г., ја зголемува потребата од финансирање. На меѓународниот пазар постои висока ликвидност, поддржана со мерките на властите и на централните банки (кои во еден дел беа подучени и со одговорот по големата финансиска криза од 2008 г.).

Оттука, во моментов ризици по обезбедувањето ликвидност однадвор нема. Прашањето е по која цена ќе се обезбеди новото позајмување. Прво, не би можел да предвидам прецизно како ќе се развиваат глобалните финансиски пазари, но претпоставувам дека високата ликвидност ќе остане нивна карактеристика што ќе ја притиска цената на капиталот надолу. Второ, она што може ние да го направиме е да водиме прудентна макроекономска политика, разумно да ги трошиме позајмените средства и да размислуваме и да дизајнираме политики на среден рок. Тоа ќе овозможи нашиот кредитен рејтинг да остане стабилен, и тоа да биде потпора на позајмување по ниски или разумни каматни стапки – дополнува Петрески.
Експертите посочуваат и дека не е дискутабилно само задолжувањето туку е неопходно да се внимава на што се трошат средствата и притоа се истакнува дека е неопходно да се прават планови за нивно инвестирање во проекти што ќе продуцираат иден економски раст.
– Без оглед на историскиот огромен раст на задолженоста на државите, во случајот на Република Северна Македонија, а верувам и кај други земји, ММФ инсистира на релаксирани и експанзивни фискални политики, преку зголемување на буџетскиот дефицит од проектираниот 4,9 на над 5,5 проценти, а со ова и можност за давање дополнителен заем на земјата. Ова покажува колку сѐ уште има простор за позајмување, и тоа од мултилатерални извори. Во услови на толку интензивен раст на светскиот јавен долг, би требало да се очекува и поскапување на изворите на финансирање, но тоа не е случај, барем не пропорционално. Најверојатно има „расположение“ и кај заемодавачите да пласираат средства кај државите – посочува универзитетскиот професор Абдулменаф Беџети.

Министерот за финансии, Фатмир Бесими, деновиве при своето излагање пред пратениците за податоците во предлог-буџетот за следната 2021 година објаснуваше дека плановите за следната година не можат да се реализираат само преку задолжување, посочувајќи дека продажбата на одредени јавни претпријатија е неопходна за дополнителен приход во буџетот.
– На среден рок треба да имаме добра стратегија за фискална консолидација. Одредени јавни претпријатија се само дополнителен товар за буџетот, а од друга страна го имаме јавниот долг што не треба да се зголеми – посочи Бесими.