Почна осмото издание на самитот „Македонија 2025“

74

Од денеска, па сѐ до 15 ноември, Скопје ќе биде место каде што ќе се собeрат истакнати домашани, регионални и странски експерти од областа на бизнисот, економијата, претприемаштвото, лидерството, иновациите и технологиите.

Во целокупната програма се планирани бизнис-натпревари за стартапи и средношколци, над 15 панел-дискусии, неколку засебни тематски сесии, интерактивни настани за вмрежување и ден за спортски активности. Некои од темите на кои ќе се говори се глобалните и геополитички трендови, можностите за финансирање мали и средни претпријатија, семејните бизниси, успешните македонски платформ компании и други интересни дебати.

– Самитот има цел да претстави одлични економски и бизнис-примери, да поттикне реформи и ширење иновации. Покрај одредени стандардни теми, кои ги покриваме секоја година, како, на пример, глобалните геополитички трендови и импликации врз регионот, оваа година имаме две главни теми. Првата е, кусо кажано, индината на професиите и вештините. Имено, ќе зборуваме за тоа кои се вештините што ќе ни требаат во иднината, кои професии ќе постојат, а кои ќе изумрат и слично. Втората главна тема се иновациите за намалување на аерозагадувањето. На оваа тема практично имаме три панели. Сакаме да ги донесеме заедно сите фактори: компаниите, владините институции, невладиниот сектор, едукативните институции, донатори кои финансираат вакви проекти итн. Да се обидеме да направиме вистинска промена – изјави проф. д-р Никица Мојсоска-Блажевски, главен извршен директор на „Македонија 2025“.

Вера Ставроф, претседавач на Одборот на директори на „Македонија 2025“, осврнувајќи се кон целта на организацијата, вели дека таа е за промовирање економски равој, лидерство и образование.

– Имаме добра соработка со бизнис-заедницата, стопанските комори во земјата, Владата, академијата и други засенати страни. Овде има огромни шанси за успех и светла иднина. Еден од начините на презентирање на нашите успешни приказни е токму преку самитот „Македонија 2025“. Верувам дека со поддршка од бизнисите и релеватните институции во земјата можеме да постигнеме многу повеќе – вели Ставроф.

Вечерва, самитот ќе биде неофицијално отворен со видеообраќање на Хари Кремер, универзитетски професор на престижната Келог школа за менаџмент во САД, автор бестселер на темите менаџмент и лидерство, поранешен извршен директор на компанијата „Бакстер“, како и влијателен советник. Во интерактивна сесија на прашања и одговори со Мајк Зафировски, еден од основачите на „Македонија 2025“, ќе говори за тоа како да станете лидер базиран на вистински вредности.

– Преку самитот „Македонија 2025“ организацијата помага во поврзувањето компании и поединци, влијае на начинот на размислување и постапување и, меѓу другото, генерира напредни идеи. Преку интервјуто со господинот Кремер ќе дадеме претстава за она што секој деловен професионалец и претприемач посакувакува да го знае, а тоа е како да се изгради организација од светска класа преку лидерство засновано на добри вредности. Особено сме возбудени за оваа сесија затоа што ни овозможува да слушнеме како размислуваат умовите на искусните лидери во бизнисот – истакна Мајк Зафировски, основач и претседател на The Zaf Group и соосновач на „Македонија 2025“.

Официјалното отворање на самитот ќе биде утре со поздравни обраќања од страна на Ана Арсов, претседавач на самитот и член на Одборот на директори на „Македонија 2025“, Вера Ставроф, претседавач на Одборот на директори на „Македонија 2025“, Никица Мојсоска-Блажевски, главен извршен директор на „Македонија 2025“, Стево Пендаровски, претседател на Република Македонија, Зоран Заев, премиер на Република Македонија, и Кејт Мари Брнс, амбасадор на САД во Македонија.

„Македонија 2025“ е меѓународна, независна, непартиска, непрофитна организација. Останува посветени на мисијата да помогнеме во создавањето на просперитетна економска клима во земјата и посилна нација, која ќе ги подобри можностите за граѓаните, компаниите и за странските инвеститори. Промовира одржлив економски раст преку поттикнување на конкурентноста, претприемаштвото, иновациите и лидерството базирано на вредности.