Поттик за секторите што имаат способност да ја придвижат економијата

73
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во очекување на силна поддршка од државата

Само со државната поддршка на реалниот сектор во земјава ќе се постигне пораст на понудата на домашниот и на странски пазари, со што ќе заживее економијата и ќе бидат зачувани повеќе работни места. Домашните експерти укажуваат дека и во следниов период ќе биде неопходна поддршка од државата за компаниите и притоа истакнуваат дека покрај поттикнувањето на потрошувачката, треба да се влијае и на поттикнување на понудата, односно да се создаваат стоки и услуги, кои граѓаните ќе ги користат за пораст на потрошувачката и кои ќе се извезуваат на странските пазари.
– Со оглед на многубројните застои во процесот на производството и големиот број работници што се отпуштени од работа или се наоѓаат на привремено отсуство од работа, обемот на производството бележи надолни тенденции, а тоа значи дека овој пат економската криза не е само на страната на побарувачката, туку многу повеќе на страната на понудата на стоки и услуги.

Во претстојниот период, мерките на надлежните институции во државата треба да бидат насочени кон поддршка на постојните производствени капацитети за да се зголеми понудата на домашниот, но и на странските пазари (извоз). Тоа постепено ќе го намалува дејството на економската криза, што ќе биде и услов за нејзино целосно напуштање во релативно краток временски период – вели универзитетскиот професор Томе Неновски.
Тој додава дека различни земји на различен начин пристапуваат кон решавање на кризата, но генерален заклучок е дека во повеќето од земјите, државата инјектира големи износи финансиски средства во економијата со намера помал број вработени да останат без работа, да се задржи темпото на производството, да се зголеми понудата, но во исто време да се задржи темпото на агрегатна побарувачка и на тој начин да се намалат негативните последици од економската криза.

– Во изминатите триесетина години македонската економија помина низ десетина шока. Тоа досега не е забележано кај ниту една друга земја во светот. Овој пат, се чини, македонската економија ќе претрпи сериозни последици со оглед на нагло осиромашениот буџет на државата и намалената можност да се влијае поенергично врз тековите на економијата со буџетски средства. Тоа предизвикува засилена потреба од големи задолжувања на земјата дома и во странство, што на среден и на долг рок ќе има соодветно негативно дејство врз надминувањето на последователните негативни последици од тековната криза, која сѐ уште не го достигнала својот врв – истакнува професорот Неновски.
Во изминатиов период, поради препораките на здравствените власти за сузбивање на пандемијата на коронавирусот, голем дел од економијата беше стопиран, што секако се одрази и врз ликвидноста на фирмите, но и врз приливот во буџетот на државата. За надминување на економската криза, државата се одлучи да побара кредити од странски кредитори, но и ја издаде еврообврзницата.

Притоа со еврообврзницата се обезбедени 700 милиони евра, а претходно Владата обезбеди заем од Меѓународниот монетарен фонд во износ од 176 милиони евра и од Светска банка во висина од 140 милиони евра. Веднаш по издавањето на еврообврзницата, надлежните информираа дека од Европската унија ќе позајмат дополнителни 160 милиони евра. Вкупните средства што ги позајмува Македонија само во периодот на корона-кризата надминуваат една милијарда евра. Упатените нагласуваат дека многу е важно најмалку една третина од позајмените средствата да биде насочена кон поддршка на реалниот сектор, поточно кон поддршка на реалните потреби на стопанството, за производство и за обрт, кон продуктивни инвестиции со што полесно ќе биде надмината економската криза.

Оперативната директорка на Стопанската комора на Македонија, Анета Трајковска, посочува дека веќе трет месец сме во здравствено-економската криза и дека состојбите кај деловните субјекти континуирано се менуваат.
– Состојбите во економијата не се оптимистички и ние сме на прагот на големи проблеми, намалена ликвидност, намалување на извозот, се очекуваат проблеми во увозот како резултат на состојбите кај странските доставувачи и соодветно на тоа и намалување на нивото на резервите, кое комбинирано со недостигот или прекинот на достава на суровини, укажуваат на потенцијално зголемени проблеми за компаниите од јуни во делот на одржување и целосно искористување на производствените капацитети. Би требало јасно да се дефинира кои се секторите со капацитет да ја повлечат напред македонската економија штом се создадат предуслови за нејзино понормално работење – објаснува Трајковска.

Според неа, ќе треба да се оди на пристап кон диференцирани економски мерки со кои ќе се цели на одделни сектори, па дури и одредени компании и производства што ќе создадат додадена вредност, и тоа на краток рок и ќе можат да ја повлечат економијата напред.
Претставниците на Сојузот на стопански комори на Македонија посочуваат дека поради здравствено-економската криза претпријатијата се соочуваат со предизвик за нивен опстанок, а економијата бележи стрмоглав пад. Според нив, на удар се претприемачите, малите и средните компании што се столб на националната економија, кои вработуваат над 80 отсто од вкупниот број вработени граѓани во приватниот сектор и претставуваат 99,8 проценти од регистрираните правни субјекти.
– Иницираме продолжување на економските мерки за финансиска поддршка на Владата за дополнителни два месеца.

Неопходно е и продолжување на сите мерки за одложување на побарувањата по основа на даночни аконтации, кредити, како и на казнени и затезни камати до крајот на годината. Во согласност со анализите на Сојузот, голем број претпријатија се сериозно засегнати од кризата, а дел немаат никакви приходи за да ги покријат основните месечни трошоци. Следејќи ја состојбата, предизвици со кои се соочуваат претпријатијата се многубројни, како нарушена ликвидност, борба за задржување на работните места и борба за опстанок поради неможноста за вршење дејност – изјави Данела Арсовска, претседателка на Сојуз на стопански комори на Македонија.