Поттикнувањето на приватната потрошувачка со калкулирани импликации врз приходната страна на буџетот

202
Фото: Игор Бансколиев

Кога ќе започне примената на мерката „Викенд без ДДВ“? Што всушност значи таа? Која е целта и какви би биле проекциите од неа? Која е бенефицијата за граѓаните, а која за државата? Кој ќе може да пазари и кои производи ќе можат да се купат без плаќање данок на додадена вредност? По најавата за воведување ваква антикризна мерка се појави голем интерес во јавноста и кај медиумите, но многу прашања засега остануваат неодговорени

„Викенд без ДДВ“ – антикризна мерка што предизвика голем интерес во јавноста

Од Владата сѐ уште не откриваат детали за воведувањето на мерката „Викенд без ДДВ“ и посочуваат дека сѐ уште се во тек координациите за нејзиното оформување.
– „Викенд без ДДВ“ како една од планираните антикризни мерки преку поевтини цени за граѓаните треба да поттикне зголемена потрошувачка, а со тоа и раст на приходи, кои ќе се слеат во македонското стопанство. Веќе од првиот ден од конституирањето на Владата започнавме со потребните координации и средби, по завршување на целокупната законска процедура за реализација на оваа мерка, јавноста и граѓаните ќе бидат информирани како и кога мерката ќе биде реализирана – објаснуваат претставниците на Владата на Македонија. Оттаму додаваат дека со оглед на фактот дека се планира ослободување од даночните обврски, очекувано е да се намалат приходите во буџетот
– Како и секоја мерка што вклучува ослободување или поврат на данок, секако дека ќе има импликации врз приходната страна на буџетот, но суштината на оваа мерка е поттикнување на приватната потрошувачка, бенефиција за граѓаните за купување неопходни производи по намалена цена, а бизнисот ќе има зголемени приходи од зголемената потрошувачка – истакнуваат од Владата.

Да им се излезе во пресрет на граѓаните, на кои поради корона-кризата драстично им се намалија приходите

Економските експерти, пак, укажуваат дека проектот „Викенд без ДДВ“ не би требало да се однесува на сите производи што се продаваат во малопродажба и дека со истиот тој треба да се опфатат само одредени неопходни добра, но не и луксузни производи.
– Очекувано е дека со воведувањето на таканаречениот „Викенд без ДДВ“ дека ќе има импликации и врз буџетот, но сепак, средствата што нема да се влеат во буџетот ќе ги искористат граѓаните, а токму тоа е идејата, да им се излезе во пресрет на оние што немаат поради ситуацијата со корона-кризата и намалувањето на приходите кај одредени групи граѓани. Сметам дека Владата овој проект треба да го насочи кон одредени производи, а не за сите, на пример за храната не треба да има ослободување, или пак за автомобили, односно за луксузни добра. Може да се опфатат производи од школски прибор, апарати за домаќинства, производи што се неопходни, не влегуваат во луксуз, ниту пак се купуваат секојдневно.

Исто така сметам дека треба да има и ограничување по семејство или по потрошувач, да речеме до 20 или 25 илјади денари. Сепак, не е идејата некој што сака да го купи најскапиот автомобил да биде ослободен од данокот – посочува професорот Ванчо Узунов. Наедно тој посочува дека, според негово видување, оваа мерка би можела да биде воведена еднаш во годината, а не да се повторува неколкупати.
– Најоптимално би било доколку ваква антикризна мерка имаме еднаш годишно, и тоа токму во овој период од годината, септември или октомври, и да се однесува на производи што се на некој начин полутрајни или трајни добра, производи чија набавка граѓаните ја одложуваат поради страв од вирусот или поради намалени приливи. Значи мерката треба да биде насочен, пред сѐ, кон граѓани што се посиромашни и кои имаат пониски приходи – објаснува Узунов. Професорот исто така посочува дека кај нас има фирми што се погодени од кризата и кои имаат намален обем на работа и на кои треба да им се помогне, затоа треба да имаме добро насочени мерки, кои ќе се однесуваат на оние што чувствуваат последици од пандемијата.

Внимателно на другата (здравствената) страна на медалот

Во исчекување на дефинитивните услови за оваа антикризна мерка се наметнува и прашањето дали „Викендот без ДДВ“ ќе биде причина за создавање нов кластер на новозаразени пациенти. Вообичено при поголеми попусти низ продавниците и трговските центри во земјава се забележува поголемо присуство на заинтересирани граѓани, и карактеристични се големи метежи и турканици. Ширењето на ковид-19 и опасноста во затворен простор, каде што има голем наплив на потрошувачи, да се прошири болеста, за здравствените работници е причина плус да се агитира за внимателност и да се забрани создавање редици и метежи низ маркетите или, пак, на другите продажни места.
Микробиологот Никола Пановски, од Институтот за микробиологија, посочува дека од економски аспект мерката е доста значајна во овој период на стагнација, но посочува дека граѓаните треба да бидат одговорни да ги почитуваат протоколите, но исто така и маркетите и продавниците да бидат подготвени и да не дозволуваат создавање метежи во внатрешните делови.

– Ова е економски добра мерка, но за здравството би била контрапродуктивна доколку граѓаните и трговските маркети или трговските центри не ги почитуваат протоколите за заштита. Доколку се дозволи да се случи масовно влегување во маркетите и во трговските центри, како што гледаме за време на големите попусти, како за „црн петок“, тогаш и ќе ни се случи црн петок. Ако е сѐ подготвено и организирано како за секој ден, без правење метежи тогаш нема никаков проблем, но она на што мора да се внимава е да не се создаваат метежи и да не се групираат луѓето – вели Пановски.