Фото: Маја Јаневска-Илиева

Македонија треба да го стави фокусот на продуктивно искористување на позајмените средства, односно да позајмува само за цели што ќе го подигнат продуктивниот капацитет на економијата, во функција на активирање на сите можни механизми и алатки за брзо, високо и динамично одржливо драстично зголемување на бруто-националниот производ, а потоа и со поголема леснотија ќе може во иднина да ги отплаќа долговите

Јавниот долг во Македонија за десет години се зголемил за околу три и пол пати, а се очекува трендот на зголемување да продолжи и во наредниот период. Според последните податоци на Министерството за финансии, јавниот долг на 30 септември 2018 година изнесувал 5,1 милијарди евра, односно 48,2 отсто од БДП, што е зголемување за 3,6 милијарди евра во однос на 2008 година, кога јавниот долг изнесувал 1,5 милијарда евра, односно 23 отсто од БДП.
Според министерот за финансии Драган Тевдоски, јавниот долг е под контрола, направен е сет од десет клучни реформи за подобар систем на јавни финансии и се спроведува постепена финансиска консолидација.

– Јавниот долг е ставен под контрола. Во 2016 година јавниот долг изнесуваше 48,8 отсто од БДП, денес тој изнесува 48,2 отсто. Зголемена е довербата на инвеститорите, што влијаеше на намалување на каматната стапка и зголемување на рочноста на инструментите. Во 2018 година издадовме 30-годишна обврзница, како и најуспешната еврообврзница досега со историски најниска каматна стапка од 2,75 отсто. Фискалната консолидација се спроведува постепено во насока на одржливост на јавниот долг. И следната година проектиравме понизок дефицит во однос на годинава, како процент од БДП, но и во апсолутен износ понизок – нагласи Тевдовски.

Универзитетскиот професор Марјан Петрески вели дека во претходните две години настана стабилизација на јавниот долг, но исто така евидентно е дека неговото намалување би било тешко, односно невозможно во услови кога проектираме буџетски дефицити што се поголеми од порастот на економијата.

– Генерално сметам дека е погрешна дебатата за намалување на долгот, напротив, фокусот треба да го ставиме на продуктивно искористување на позајмените средства, односно да позајмуваме само за цели што ќе го подигнат продуктивниот капацитет на економијата и таа ќе може со поголема леснотија во иднина да ги отплаќа долговите. Мојот личен став е дека е потребно отворање широка дебата за јавните инвестиции – какви видови инвестиции ни се потребни, колку чинат, нивната приоритизација итн. – што е поврзано со реобмислување на стратегијата за јавни инвестиции – смета Петрески.

Тој додава дека ако успее Македонија да постигне општествен консензус за тоа што како општество сакаме да го постигнеме во делот на јавните инвестиции, тогаш секое задолжување за таквите потреби ќе биде оправдано.

Владата на Македонија во својата фискална стратегија за 2019-2021 вели дека иако во изминатите години нивото на долгот се зголеми, сепак во однос на земјите од ЕУ, Македонија останува умерено задолжена земја.

– Во периодот 2019-2021 година се очекува продолжување на имплементацијата на инвестициите започнати во претходниот период, кофинансирани со странски заеми, но со цврста определба да не се загрози долгорочната одржливост на нивото на задолженост на земјата. Покрај ова, дел од задолжувањето е за покривање на буџетскиот дефицит, односно непречено извршување на исплатите од буџетот.

Дополнително, дел од задолжувањето ќе биде наменет и за отплата на претходни долгови што достасуваат во наредниот период – се нагласува во стратегијата.
Оттаму, се вели дека за да се обезбедат извори за финансирање на потребите на државата со најнизок трошок на среден и долг рок со истовремено одржливо ниво на ризик, со политиката за управување со јавниот долг се дефинираат неколку среднорочни и краткорочни лимити.

– Со лимитите на среден рок се дефинира максималното одржливо ниво на вкупниот јавен долг во однос на БДП и нивото на гарантираниот јавен долг во однос на БДП. Исто така, за да се намалат ризичните фактори што влијаат врз портфолиото на вкупниот јавен долг, се определуваат среднорочни лимити за валутната и каматната структура на државниот долг. За да се задржи нивото на јавниот долг во одржливи рамки, без притоа да се наруши фискалната одржливост, се утврдува лимитот на нивото на вкупниот јавен долг на среден и долг рок да не надминува 60 отсто од БДП.

Нивото на јавниот долг се смета дека е одржливо доколку овозможува навремено сервисирање на обврските што достасуваат по основа на долг на подолг период, а тоа зависи од многу фактори, како што се: степенот на развој на домашниот финансиски пазар, ликвидноста на меѓународниот пазар на капитал, стапката на пораст на економијата, стапката на инфлација, нивото на буџетски дефицит/суфицит и слично – се објаснува во стратегијата.

Од Владата велат дека движењето на јавниот долг на среден рок ќе има умерен пораст, но сепак ќе се движи во адекватни рамки, односно нема да ја загрози одржливоста на долгот.

– Поточно, на среден рок се очекува умерено зголемување на вкупниот јавен долг до 54,8 отсто од БДП во 2020 година, а потоа намалување на 53,8 отсто од БДП во 2021 година, што е значително под утврдениот лимит за среднорочно и долгорочно ниво на јавниот долг – пишува во стратегијата.

Како што истакнуваат од институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“, дури и при реализација на проектираните стапки на пораст на економијата, зголемувањето на јавниот долг од моменталното ниво од 5 милијарди евра на ниво од 7 милијарди евра за четири години значајно ја компромитира неговата одржливост.

– Иако стратегијата го поставува мастришкиот критериум на јавен долг од 60 отсто од БДП како горен лимит на задолжувањето, сепак таквата претпоставка е арбитрарна и лабава и не се базира на детална анализа на тоа како структурните карактеристики на македонската економија може да ја симнат одржливата граница – појаснуваат од „Фајненс тинк“

Тие додаваат дека, алтернативно, во ситуација на значителен проектиран пораст на јавниот долг и проектиран пораст на БДП што подлежи на нагорни ризици, стратегијата мора да изврши детална елаборација на тоа како ќе се трошат позајмените средства (особено оние над износите што доспеваат за враќање) и да изврши процена на ефектите од инвестираните средства врз економијата.

– Во таа насока, се чини дека главен недостиг од стратегијата останува неможноста да изврши приоритизација на капиталните инвестиции и да даде квантификација на ефектите од нивната реализација. Македонија со години е доведена во ситуација да инвестира јавни пари во многу проекти, но за најголем дел од нив ефектите остануваат непознати. Оваа практика треба еднаш засекогаш да се напушти – сметаат надлежните од институтот. Тие го повикуваат Министерството за финансии да почне процес на среднорочно планирање на капиталните трошења, што ќе даде одговор на клучни прашања, на пример како се трошат парите од позајмувањата, колкави се ефектите од јавните инвестиции, како најефективно да се алоцираат ограничените средства за јавни инвестиции, како изведбата на јавните инвестиции да не потфрла секоја година.

Фото: Игор Бансколиев