Илустрација / Фото: Игор Бансколиев

Понатамошно намалување на дефицитот не би нашло многу оправдување во оваа фаза од развојот, бидејќи Македонија има капитално-инвестициски потреби и тие треба да се задоволуваат и преку генерирање дефицити и позајмување, но она што не е оправдано е генерирањето долгови за тековни потреби

Фискалните движења во изминатиов период ја наметнаа потребата од минимално приспособување на буџетот на Република Македонија, како на приходната така и на расходна страна. Потребно е намалување на буџетскиот дефицит и искористување на какви било вишок фискални средства за создавање фискален простор, кој ќе ја штити економијата од ненадејни шокови.
Со буџетот за 2019 година, од Министерство за финансии рекоа дека се намалува буџетскиот дефицит, односно јазот помеѓу буџетските приходи и расходи. Буџетскиот дефицит за следната година е проектиран на 2,5 отсто од БДП или 0,2 процентни поени, или половина милијарда денари помалку во однос на годинава.
Според универзитетскиот професор Марјан Петрески, дефицитот на буџетот има надолна тенденција, што е дел од процесот на фискална консолидација на кој се обврза оваа влада, и тој процес е за поздравување.

– Секако, понатамошно намалување на дефицитот не би нашло многу оправдување во оваа фаза од развојот, бидејќи Македонија има капитално-инвестициски потреби и тие треба да се задоволуваат и преку генерирање дефицити и позајмување. Она што не е оправдано е генерирањето долгови за тековни потреби, што како практика се случуваше во минатото – смета Петрески.

Тој додава дека треба фокусот на фискалната консолидација пополека да се сврти од тенденцијата да се намалува дефицитот, кон консолидација преку рационализација на расходите и зголемување на ефикасноста на државните трошења.
– Оттука, просторот за капиталните инвестиции на државата ќе се зголемува, што е клучот за поддршка на растот на економијата – вели Петрески.

Од институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“ велат дека стратегијата за фискална консолидација е прв чекор што треба да ја постави целта, но дека стратегијата не е секогаш доволна за да осигуриме фискална консолидација.
– Многу е позначајна нејзината имплементација, а поставувањето јасни цели и правила е од клучно значење за успешна имплементација. Можеби едно од решенијата е да се почне со креирање неколкугодишни буџети, и на тој начин да се обезбедува континуитет и на програмите, но и засегнатите страни да имаат увид на долгорочната визија за фискалните финансии – сметаат оттаму.

Втор начин за осигурување на имплементацијата, нагласуваат од институтот, е да се формира независно тело – фискален совет, кое би имало цел да го контролира и да го осигури начинот на кој ќе се трошат јавните средства и фискалната консолидација.
– Обемот на владината потрошувачка е значаен, но многу побитно е дали потрошувачката е ефективна, ефикасна и е насочена во проекти и програми со најголеми потенцијали за раст – објаснуваат од „Фајненс тинк“.

Професорот на Универзитетот на Југоисточна Европа, Абдулменаф Беџети, вели дека е потребна капитална инфраструктура, а сѐ друго треба да се остави за време кога ќе има поинтензивна економска динамика, и дека засега со овој годишен економски пораст не може да се направи тоа.

– Подобро зголемен дефицит од оправдани и продуктивни јавни расходи, кои не само што ќе поттикнат пораст туку ќе поттикнат и пораст на потенцијалот, отколку државата да има намален дефицит на штета на капиталните и продуктивните инвестиции – појаснува Беџети.

Од Министерството за финансии велат дека со постепено намалување на буџетскиот дефицит се води дисциплинирана буџетска политика што, пак, ќе придонесе за стабилизација на државниот и на јавниот долг на среден рок.

– Клучна појдовна точка за буџетот за 2019 година е продолжувањето на дисциплинираната фискална политика. Правецот во кој одиме е умерена фискална консолидација или намалување на буџетскиот дефицит на 2,5 отсто од проектираниот БДП за 2019 од 2,7 отсто во 2018 година. Кај буџетскиот дефицит има намалување и во номиналниот износ во однос на 2018 година, односно половина милијарда денари помалку – нагласуваат од Министерството.

Оттаму велат дека ова е во согласност со фискалната стратегија, како и препораките на сите меѓународни организации. Умереното намалување на дефицитот влијае директно на помали потреби за задолжување, а со тоа и среднорочно стабилизирање на државниот и на јавниот долг.