Потребни се реформи и кај работниците и кај работодавците

178
Фото: Игор Бансколиев

Работниците кои си одат од државата за да работат во друга земја таму се попродуктивни отколку во Македонија, а вештините кои ги поседуваат се истите што можат да се искористат и во земјава

Неусогласеноста на потребите од разни занимања во стопанството и на понудата на работна сила ја дигна стапката на невработеност во нашата држава далеку над европскиот просек. Иако состојбата на пазарот на труд се подобрува, сепак соодносот на вработени со невработени сѐ уште е многу лош.
Економистот од Светска банка, Цезар Канчо, вели дека меѓу работоспособното население во Македонија, од двајца возрасни работоспособни само еден моментално е вработен, додавајќи дека тоа е мала бројка и тоа значи дека тие мора да издржуваат многу луѓе во државата.

– За да се креира поголема вработеност мора да се работи и на страната на понудата и на страната на побарувачката. Значи, реформи се потребни и кај работниците и кај работодавците – објаснува Канчо.
Тој посочува дека странските инвеститори, на пример, главно увезуваат суровини наместо да ги набавуваат од локални добавувачи, што би создало повеќе работни места.

– Кај компаниите во државата има различен степен на продуктивност заради што се препорачува пренасочување на ресурсите во попродуктивни активности. Фирмите треба да ги зголемат менаџерските и организациските капацитети и да се фокусираат на усвојување нови технологии – додава Канчо.
Според него, работниците кои си одат од државата за да работат во друга земја таму се попродуктивни отколку во Македонија, а вештините кои ги поседуваат се истите што можат да се искористат и во земјава.

– Дел од решението е да се работи со локалните фирми за тие да ги подобрат своите менаџерски капацитети. Не е важно само што има работникот да понуди, туку и како фирмата ќе го организира процесот. Значи, важни се и вештините на менаџерите во земјата, не само на работниците. Главно е да се создадат повеќе можности за вработување и можности за стекнување соодветни вештини што ги бара пазарот на трудот – смета Канчо.
Како што вели Благица Петрески, директорка на институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“, невработеноста е долгорочен и структурен проблем во земјата.

– Иако невработеноста се намалува, пазарот сѐ уште се соочува со низа проблеми како несовпаѓање и јазови во понудата и побарувачка на вештини, ниво и вид на образование, очекувана и понудена плата и слично – нагласува Петрески.
Таа додава дека некои категории, како младите, повозрасните и жените се поизложени на овие проблеми од другите. Овие категории, дури и откако ќе се вработат, се ранливи и предизвиците за нив не завршуваат.
– Неодамнешно наше истражување покажа дека еден од двајца млади вработени во земјата се соочува со подвработеност, а подвработените млади заработуваат за 14,3 отсто пониска плата од вработените. Друга студија која ги истражува јазовите и потенцијалите за соработка на домашните и мултинационалните компании во земјата, идентификува дека компаниите се соочуваат со недостаток од квалификувана работна сила – истакна Петрески.

Оттука, таа нагласува дека псе отребни паралелни мерки и на страната на работоспособното население и на страната на компаниите.
– Кај работоспособното население се потребни мерки и во насока на зголемување на квантитетот, но и на квалитетот на работоспособното население. Дел од мерките може да се во насока да ги оспособиме долгорочно невработените и работоспособните да одговорат на барањата на пазарот на труд, а истовремено да го забрзаме нивниот процес кон вработување преку индивидуални планови, менторство, преквалификација и доедукација, доколку е неопходно – објаснува Петрески.

Според неа, интегрираниот менаџмент на случај, кој Министерството за труд и социјална политика го најавува, вклучува дел од овие елементи и доследната имплементација на оваа методологија е клучна за успешноста од интеграцијата.
Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавачи на Македонија, вели дека огромен број работни места остануваат непополнети поради расчекорот на понудата и побарувачката. Затоа, според него, Македонија мора многу да работи на усогласување на потребите од разни занимања и на понудата на работна сила.

– На лицата со ризик од сиромаштија им се потребни повеќе средства во семејниот буџет. Тоа може да се постигне со вработување на невработените во семејството и преку преквалификации и обуки за подобро платени работни места. На пазарот недостигаат многу стручни занимања и занаетчии, а невработените лица со ризик од сиромаштија немаат знаења и квалификации за овие занимања – нагласува Димитров.

[email protected]