Потпишан меморандум за соработка меѓу „Алкалоид“ и високообразовни институции

920
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во насока на исполнување на заложбите за корпоративна општествена одговорност, кои се на врвот на приоритетите во оперативната агенда на компанијата, „Алкалоид“ потпиша меморандум за соработка за програната за практикантство со Фармацевтскиот факултет и Институтот за хемија на Природно-математичкиот факултет, обата при универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ од Скопје.

Меморандумот опфаќа соработка во програмата за практикантство преку која од 1 јуни, 10-15 студенти од трета и од четврта година, ќе бидат вклучени на практикантски обуки во „Алкалоид“. Обуките ќе траат по 3 месеци.

-Целта на овој Меморандум за соработка за програмата за практиканство е да се поттикне развојот на креативноста кај студентите, нивното лично и професионално профилирање, како и подготвеноста за соочување со идни професионални предизвици. Со овој проект, ние како компанија во соработка со највисоките научно-образовни институции во земјава, сакаме да им овозможиме на младите талентирани и амбициозни студенти стекнување и практикување на нови вештини во реални процеси во рамки на компанијата. Сакаме да изградиме синергија од која бенефит ќе имаат сите инволвирани страни, а преку имплементирање на најновите научни достигнувања во развојни процеси, научно-истражувачката работа очекуваме да се подигне на ново, повисоко ниво – истакна Живко Мукаетов, генерален директор и претседател на УО на Алкалоид.

Со овој проект „Алкалоид“ не само што разработува програми за развој на практикантите, туку структурно ги усогласува со образовните институции, адаптирајќи ги во обем што е максимално прилагодлив на образовните програми.

–Потпишувањето на овој меморандум е од особено значење за сите страни кои се опфатени со него, но најмногу за самите студенти. Големиот интерес кој беше предизвикан кај студентите кога ги информиравме за оваа можност што ја нуди нашиот верен партнер „Алкалоид“ е доказ за квалитетот на оваа програма – рече деканката на Фармацевтскиот факултет проф. д-р Светлана Кулеванова.

Деканот на ПМФ, Ицко Ѓоргоски, потенцира дека нема поубав начин да се задржат студентите да работат во Македонија.

На студентите кои ќе бидат избрани за програмата за практикантство, ќе им биде доделен обучен ментор, а матичниот факултет ќе им зададе практичен проект кој ќе треба да го завршат во рок од три месеци.