Постои можност за проширување на повикот за комерцијализација на иновации

177

Интересот на компаниите за повикот за кофинансирани грантови за комерцијализација на иновации е голем и до вчера имало вкупно 811 регистрации и подигнувања на апликациски формулари. Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски, изјави дека има голем интерес и постои можност повикот да биде проширен доколку има доволен број квалитетни апликации.

– Тоа што го добиваме како прашање е дали постои можност повикот да се прошири доколку имаме доволен број добри квалитетни апликации. Одговорот е да. Очекувам дека на крајот на повикот ќе имаме позитивен притисок од економијата кон Фондот, а со тоа и кон Владата, не само да се искористат сите средства што се на располагање, туку овие средства да бидат дополнително зголемени – вели Деспотовски.

Вкупниот обем на средства на овој повик е пет милиони евра, од кои три милиони се средства од Владата, а преостанатите два милиони се обезбедени од Светска банка.

– Новост е тоа што во рамките на повикот се проширува партнерството на Владата со компаниите, односно Фондот ќе стане партнер во успехот на резултатите на компаниите. Очекуваме дека по завршување на инвестицијата ќе учествуваме со пет проценти во годишниот приход на компаниите што ќе ги финансираме како стартап, мали и средни претпријатија. Тоа значи дека на среден рок очекуваме дека Фондот ќе генерира приход од успехот на овие компании, кој понатаму ќе го вложува во нови програми. Со тоа нема постојано да бидеме зависни од финансирање на Буџетот на Република Северна Македонија, туку средствата што ќе ги остваруваат компаниите низ успехот на овие проекти ќе може понатаму да се враќаат во економијата. Ова е систем што постои во светот и сакаме да го примениме овде – објаснува Деспотовски.

Од Стопанската комора на Македонија додаваат дека компаниите мора да ја унапредуваат иновативноста поради предизвиците за освојување нови пазари и за исполнување на барањата на потрошувачите кои се менуваат во согласност со светските трендови.

Повикот е отворен до 15 мај, а е наменет за сите микро, мали и средни претпријатија. Годинава може да аплицираат и приватни здравствени установи со доминантен домашен капитал. Е.Р.