Поставен камен-темелникот на трговскиот центар „Делта Планет“ во Ниш

242

Со поставувањето на камен-темелникот, денеска свечено почна изградбата на трговскиот центар „Делта Планет“ во Ниш. Камен-темелникот беше симболично поставен од младите лидери на „Делта холдинг“. 

Трговскиот центар, кој ќе биде на два ката, ќе има капацитет од 850 паркинг места, а на  посетителите ќе им понуди интернационални и домашни брендови, како и атрактивни кафулиња, ресторани и места за забава. 

– „Делта Холдинг“ продолжува со циклусот од големи инвестиции, што го започна со градење на хотелот „Интерконтинентал“ во Љубљана. Периодов се гради и хотелот „Индиго“ во Белград, деловната зграда „Делтахаус“, исто така во Белград, а сега почнуваме со изградбата на трговскиот центар „Делта Планет“. Овој проект, без сомневање, претставува најголемото инвестирање во недвижнини досега во регионот – вели Зоран Бурлиќ, генерален директор на „Делта Риал Естејт Груп“.  

Тој изјави дека во наредните години ќе инвестираат 400 милиони евра, што ќе донесе изградба на 370.000 метри квадратни простор. 

Трговскиот центар „Делта Планет“ ќе биде со големина од 40 илјади метри квадратни, а вкупната вредност на инвестицијата е 70 милиони евра. 

Иновативноста на „Делта Планет“ ќе се одрази преку неговата единствена и привлечна архитектура, специфичните структурни решенија, енергетската ефикасност, која ќе се состои од полначи за електрични возила и соларни клупи. Трговскиот центар ќе биде целосно прилагоден за потребите на корисниците на социјалните мрежи.

Официјалното отворање на трговскиот центар „Делта Планет“ е планирано напролет.