Посветеноста на тимот резултира со успех на повеќе пазари во светот

632
Фото: Игор Бансколиев

Традиционално закројување на винова лоза во винарницата „Стоби“

Овој ден за нас е посебен, на овие плантажи точно пред 11 години ја почнавме нашата винска приказна. Денеска можеме да се пофалиме со пласман на домашните и светските пазари, како Кина, САД, Русија и Европа. Самите награди и пофалници од еминентни вински критичари говорат за квалитетот на брендот, за кои сме на врвот заедно со нашиот тим, истакна сопственикот на винарницата „Стоби“, Минчо Јорданов, при закројувањата на лозјата во Градско

Традиционалното закројување на виновата лоза по повод празникот Свети Трифун во Тиквешијата продолжи и оваа година, со силна желба за плодна година и квалитетно грозје, кое со многу љубов ќе резултира и со уште поквалитетно вино. Одбележувањето на празникот, како и изминатите десет години, и оваа година беше означено во винарницата „Стоби“. Во својата 11-та година од постоењето, винарницата со гордост ги истакнува успесите што ги постигна.

„Стоби“ изгради имиџ на една од највлијателните винарници во регионот, но и на најдинамичен двигател на винскиот бизнис. Винарницата е доминантно извозно ориентирана, а најголем дел од вината се пласира на интернационалните пазари.
– Овој ден за нас е посебен, на овие плантажи точно пред 11 години ја почнавме нашата винска приказна. Денеска можеме да се пофалиме со пласман на домашните и светските пазари, како Кина, САД, Русија и Европа. Самите награди и пофалници од еминентни вински критичари говорат за квалитетот на брендот, за кои сме на врвот заедно со нашиот тим – истакна сопственикот на винарницата „Стоби“, Минчо Јорданов при закројувањата на лозјата во Градско.

Винарницата исто така развива вински туризам, корпоративни услуги, специјални настани, што ја издвојува од винарниците од регионот.
– Годишно произведуваме 4,5 милиони литри висококвалитетно амбалажирано вино, од кое 70 отсто се извезува на странските пазари. Рамо до рамо сме со светските производители и тоа ни дава поттик постојано да инвестираме во иновации за производство на премиум, класик, традиционални и елитни вина за да бидеме конкурентни низ светот – дополни Ана Јорданова, креативна директорка во компанијата.

Во изминативе години вината на „Стоби“ се закитија со многу престижни награди, кои наедно се и потврда за квалитетот. Нивните вина, покрај веќе споменатите, се позиционирани и во дел од најсензитивните европски пазари, како Данска, Холандија, Белгија, Обединетото Кралство. „Стоби“ може да се пофали и со стабилни и солидни продажби и на балканскиот регион, поточно во Србија, БиХ, Хрватска, Словенија и во Црна Гора, а веќе се проширува и на пазари на кои дејствува постепено и од кои очекува во наредниот период уште подобри резултати, како што се Канада, Јапонија и Шведска.

И најмладите учествуваа во закројувањето – Фото: Игор Бансколиев

Успехот на винарницата „Стоби“ се должи на стратегијата „реални и остварливи очекувања“, кои од година на година се реализираат, што создава можност да ги зголемуваат целите и да бележат уште подобри резултати.
– Успехот се должи на професионалниот тим на вработени, кои имаат отворен пристап кон должностите што ги вршат, а со тоа и можност за индивидуален придонес со нови идеи и предлози. Работата ја прават луѓето, а не обратно. Професионален тим што дејствува и работи синхронизирано резултира со успех во секој од секторите. Успехот во голем дел се должи и на приодот и реализацијата на производството на вински мешавини. Тој е наш уникатен спој на најмодерните иновации и препознатливите брендови во винскиот бизнис, со неизбежен допир на традицијата. Но успехот се должи и на милионите чекори поминати низ светот на нашите тимови за промоција и презентација на нашите вина и на македонската винска индустрија – истакна Јадранка Клариќ Кимовска, комерцијална директорка во винарницата „Стоби“.


Фото: Игор Бансколиев

Секоја награда им дава нов имиџ на вината

Според комерцијалната директорка во винарницата „Стоби“, Јадранка Клариќ Кимовска, наградите се дел од маркетинг-стратегијата на секоја винарница и тие се потврда за квалитетот на вината. Таа истакнува дека наградите помагаат за промоцијата и препознатливоста на вината, односно им даваат дополнителна вредност.

– Секоја награда им дава нов имиџ на вината и позитивна промена во перцепцијата на македонското вино. Сме добиле многу престижни меѓународни награди на сите континенти, кои се навистина мотивирачки, но се и битен дел за промоцијата и пласманот на нашите вина. За влез на нов пазар и пронаоѓање нови партнери мора да се има целосна стратегија за настап на него, адекватна понуда, конкурентни цени, сплет на околности, многу работа, упорност и конекции – истакнува Клариќ Кимовска.
Таа појаснува дека наградите не се клучна алатка за влез на нов пазар, туку еден вид додадена вредност и поддршка на целокупниот ангажман што е потребен за пласман на нов пазар.

Плановите на винарницата „Стоби“ во блиска иднина се во насока на зацврстување на позициите на постојните пазари, со зголемување на продажбите и проширување на портфолиото. Но, исто така, со оглед на веќе исполнетите капацитети на винарницата, во план е и нивно проширување, а потоа и потрага кон нови пазари.