Пораст на јавниот и на државниот долг

303

Јавниот долг на државата на крајот на второто тримесечје изнесувал 5,14 милијарди евра, што е 47,7 отсто од предвидениот бруто-домашен производ (БДП) за годинава, објави Министерството за финансии.
Според податоците на Министерството, долгот пораснал и на квартално и на годишно ниво.

Во истиот период државниот долг изнесува 4,3 милијарди евра, или 39,9 отсто од проектираниот БДП.
Споредено со првиот квартал на 2018 година, државниот долг е повисок за 0,3 отсто, додека јавниот долг е повисок за 0,5 отсто.

Во јавниот долг влегуваат државниот долг и плус гарантираните долгови на јавните претпријатија и акционерските друштва во државна сопственост.
На крајот на 2017 година вкупниот јавен долг бил 47,6 отсто од тогашниот БДП.
Во последните десет години јавниот долг на земјава значајно се зголеми. Во 2008 година беше 23 отсто од БДП и оттогаш е во постојан пораст.