Пораст на платите, само преку пораст на продуктивноста

262
Поголемата уравниловка ќе ја намали продуктивноста кај работници Фото: Маја Јаневска-Илиева

Просторот за зголемување на минималната плата е речиси целосно искористен. Натамошни чекори во оваа насока сериозно би се одразиле на работењето
на компаниите, а со тоа и на економскиот пораст

До денес таа беше зголемена неколкупати, со најзначајното зголемување во септември 2017 на 12.000 денари и израмнување во секторите текстил, кожа и обувки. По ова зголемување, беше извршено усогласување со порастот на БДП, порастот на платите и трошоците на живот во два наврата, со што моментално минималната плата изнесува 12.504 денари. Економистите велат дека тeковната најава за зголемување на минималната плата значи ад хок зголемување, наместо следење на трендот на усогласување, во износ од 4 отсто.

– Секое покачување на платите што не е проследено со зголемена продуктивност, ефикасност и ефективност, најмалку до нивото на маргиналните трошоци, е неодржливо. А со тоа економијата ја прави помалку конкурентна и на крајот ќе генерира дополнителни нарушувања, како на микрониво така и на макро – вели професорот на Универзитетот за Југоисточна Европа, Абдулменаф Беџети.

Според него, не само што нема реален економски пораст што може да ги покрива маргиналните трошоци од зголемените плати туку и акумулативната моќ на нашата економија и претпријатијата е многу ниска, со што таа уште повеќе се нарушува.

– Освен оваа последица, секако и со намалена профитабилност на компанијата, секторот и на економијата во целина, се намалуваат и изворите за идни инвестициски циклуси и за отворање нови работни места. Сметам дека зголемувањето на платите без следење со зголемена продуктивност, политички и социјално, можеби се создава некој краткорочен и среднорочен ефект, ама економски ќе има само негативни ефекти – објаснува Беџети.

Тој додава дека минималните плати секаде, па и кај нас, административно се регулираат од страна на Владата, меѓутоа и со нивното ниво не треба да се претерува.
– И претходното покачување на минималната плата, на износ од 12.500 денари, доведе до ситуација кога минималната плата достигна над 50 отсто од просечната плата и покажува дека неговото ниво во Македонија е поставено многу повисоко од нивото во повеќето земји-членки на Европска Унија, каде што се движи околу 45 отсто – нагласува претседателот на Организацијата на работодавци на Македонија, Ангел Димитров.

Како што споменува тој, не смее да се дозволи порастот на минималната плата да не ја следи продуктивноста.

– Ако со административна т.е. политичка одлука минималната плата се зголеми многу повисоко од порастот на продуктивноста, тогаш ќе добиеме уште поголема уравниловка и ќе се намали продуктивноста кај подобрите работници. Ова ќе влијае негативно на конкурентноста на нашите компании на светските пазари и, се разбира, на вработеноста – појаснува Димитров.

Проблемот со уравниловката, кој го истакнаа и работодавците, е потребата да растат преостанатите плати блиски со минималната плата, за да не ги изгубат или демотивираат попродуктивните работници. Просторот за зголемување на минималната плата е речиси целосно искористен. Натамошни чекори во оваа насока сериозно би се одразиле на работењето на компаниите, а со тоа и на економскиот пораст.

Во согласност со проекциите на институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“, просечната плата во 2019 година се очекува да надмине 25.000 денари, со очекуван пораст од 4,2 отсто во однос на 2018 година.

– Според ваквите тенденции, кои се одраз на движењата на продуктивноста во економијата, проценуваме дека ниво на минималната плата од 13.000 денари во јули 2019 година би било издржливо во сегашниот економски контекст, односно дека не претставува опасност по работните места – велат од институтот.

Оттаму истакнуваат дека дебатата за минималната плата треба да се ограничи на економски рамки и очекувањата на јавноста да се потпрат на економски принципи, наместо на популистичка реторика, што во крајна линија може да загрози многу работни места во нископлатежните сектори.

– Пожелно е Владата да посвети итно и опсежно внимание на теренското спроведување на одредбите од трудовото законодавство, и тоа оние сврзани со плаќањето на трудот. Особено загрижувачка тенденција, која мора итно да се адресира, е доминацијата на исплата на плата во плик кај 62 отсто од работниците осигурени на минимална плата – појаснуваат од „Фајненс тинк“.

Тие истакнуваат дека треба да се напушти тврдењето дека порастот на минималната плата поттикнал пораст кај другите плати.

– Истражувањата укажуваат дека тенденцијата е спротивна, односно дека постои компресија на платите на и околу нивото на минималната плата, односно она што работодавците го нарекуваат уравниловка. Поагресивни и поштедри мерки што ќе поддржат пораст на другите плати се потребни, а особено ревизија на мерката за субвенционирање 30 отсто од порастот на платите во опсегот меѓу минималната плата и 18.000 денари. Во крајна линија, ниту една парцијална мерка не може да го замени влијанието што посилен пораст на економијата би го имал врз платите – нагласуваат од „Фајненс тинк“.

[email protected]