Поради африканската чума нема свинско од Србија

66

Во Македонија нема африканска свинска чума, состојбата будно се следи, а превентивните мерки се подигнати на максимално ниво, посочи директорот на АХВ, Зоран Атанасов, кој исто така истакна дека нема ниту нов случај на заболено животно од болеста антракс во земјава

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) донесе забрана за увоз на свинско месо и преработки, како и увоз и транзит на живи домашни и диви свињи од Србија, по веста дека во оваа земја се појавила африканска чума. Директорот на АХВ, Зоран Атанасов, потврди дека во Србија има африканска свинска чума, и тоа во околината на Белград, Младеновац, Смедеревска паланка… Тој истакна дека во Македонија нема африканска свинска чума и додаде дека состојбата будно се следи, а превентивните мерки се подигнати на максимално ниво.

– Од петокот во сила е решението за задолжително лабораториско испитување на секоја увозна пратка свинско месо, производи и преработки. Пратките нема да се пуштаат во промет додека не се добие наодот од лабораториското испитување – информира директорот.

Отстрелот на дивите свињи, кој се планира како превентивна мерка, сѐ уште не е почнат. Утре на состанок во Велес, АХВ и Ловечката федерација ќе ги утврдуваат динамиката и начинот на заловување. Алармот за африканската свинска чума се вклучи по информацијата дека во Бугарија бројот на жаришта е зголемен.
Наедно Атанасов посочи дека нов случај на заболено животно од болеста антракс во земјава не е регистриран.

– Ново заболено животно нема. Ниту на одгледувалиштето каде што беше откриена болеста, ниту пак во некое друго одгледувалиште. Заболени луѓе од оваа болест нема. Болеста антракс кај животните не е новост – појасни Атанасов. Тој напомена дека се уништени 9 мрши од овци, оние за кои сопственикот се посомневал дека се заболени. Спалени се, а пепелта е закопана.

– Нема потреба да се шири теза дека ќе се заразат луѓе. Се врши преглед на закланите животни. Нема опасност луѓе да заболат при консумација на такво месо – смета Атанасов.