Половина од ланските инвестиции на ЕБОР биле во зелена економија

104

Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) објави дека минатата година инвестирала 4,6 милијарди евра во проекти за транзиција кон зелена економија. Станува збор за речиси половина од вкупниот износ на инвестиции, а најмногу откако ја почнаа транзицијата во 2015 година.

Имено, во 2015-та, при склучувањето на Парискиот договор за климата, банката најави дека до 2020 година ќе го зголеми својот удел на инвестиции во проекти за зелена економија од 25 на 40 проценти на годишно ниво. Во 2019 година, нивното учество достигна 46 проценти од вкупно вложените 10,1 милијарди евра, објави ЕБОР.
– Вкупниот износ на зелени инвестиции и нивното учество во вкупните инвестиции е најголем откако ЕБОР започна програма за поддршка на земјите-членки во транзицијата кон економија со ниска емисија на јаглерод и позитивна за климатската средина. Досега се склучени договори за инвестирање во над 1.900 зелени проекти, во вредност од 34 милијарди евра, што треба да ги намали емисиите на јаглерод за 102 милиони тони годишно – објаснуваат од банката.

Севкупно минатата година, тие финансирале 2,2 гигавати во нови капацитети за искористување обновлива енергија, се вели во соопштението. Зелените инвестиции се речиси двојно зголемени во регионот на Централна и Источна Европа и речиси тројно во Југоисточна Европа.

Тие веќе подготвуваат нова петгодишна стратегија, која ќе им биде претставена на акционерите на годишниот генерален состанок во мај. Како дел од подготовките, ЕБОР го зголемува финансирањето проекти во земјите-членки и најавува нова зелена стратегија, со поамбициозни климатски цели за петгодишниот период по 2020 година.