Политиката да не создава економски кризи

194
Неефикасната јавна администрација ги обесхрабрува инвеститорите Фото: Дарко Андоновски

Проекцијата на ММФ за 3 отсто раст на БДП за годинава и речиси идентичната на Светска банка, која ја задржа прогнозата од 2,9 отсто, се пониски од владините очекувања дека 2019-та ќе заврши со економски раст од 3,2 отсто

Меѓународните финансиски институции постојано ги ревидираат, главно со надолна корекција, прогнозите за економски раст за нашата држава и тие не влијаат позитивно на општата економска состојба, а особено не на домашните и на странските компании за инвестирање. Експертската јавност нема дилеми дека на македонската економија ѝ е потребен забрзан раст, но тоа не може да се очекува да се случи прекуноќ. Тие укажуваат дека политичките пазарења, калкулации и бавните реформи непотребно ги задушуваат економските процеси, со што му штетат на и онака кревкото домашно стопанство.

Меѓународниот монетарен фонд во најновата анализа предвидува растот на економијата годинава да достигне 3 отсто од бруто-домашниот производ, што е за 0,2 процентни поени повеќе од јануарската проекција. Дополнителни ризици што демнат, а кои се наведени и во последниот извештај на Светска банка, се и ниската и мала продуктивност на локалните фирми, недоволно квалификуваниот кадар, слабите државни институции, пречките од јавните политики. Оттаму предупредуваат дека, освен засилените реформи, за бизнисот е клучно политиката да не создава нови кризи, а Владата да го реализира она што го ветува

Проекцијата на ММФ за 3 отсто раст на БДП за годинава и речиси идентичната на Светска банка, која ја задржа прогнозата од 2,9 отсто, се пониски од владините очекувања дека 2019 ќе заврши со економски раст од 3,2 отсто.

И двете меѓународни финансиски институции очекуваат растот да го движи потрошувачката, како и извозот од странските инвеститори. Економистите од ММФ очекуваат растот во 2020 година да биде 3,1 отсто, а во 2024 да достигне 3,5 отсто. Светска банка, пак, очекува наредната година растот да достигне 3,2 отсто. За годинава, најоптимистичка е монетарната власт. Според ноемвриската проекција на Народната банка, македонската економија во 2019 треба да оствари раст од 3,5 отсто.
– Секако дека надолната корекција на проекциите од страна на релевантните меѓународни финансиски институции, како ММФ, СБ, ЕБРД влијае во редуцирање на оптимизмот и претпазливоста кај економските субјекти и инвеститори за нови инвестиции и зафати, особено кога тоа се случува од нив – вели професорот на Универзитетот на Југоисточна Европа, Абдулменаф Беџети.

Според него, очекувањата во економијата несомнено се многу значаен фактор на однесување на економските агенти.

– Оваа надолна корекција не е само за нас како држава туку е и на глобално ниво, вклучувајќи ја и Европската Унија како наш доминантен трговски партнер. Тоа што треба посебно да се прави кај нас е едноставно да се носат конкретни и решителни одлуки за економијата, од олеснување на бирократските процедури, кои се многу комплицирани, преку заштита на договори, сопственост, капитал, право, па до субвенции базирани на резултати, а не на најави и ветувања – објаснува Беџети.
Тој додава дека неефикасната јавна администрација и уште понеефикасно и неправедно судство ги обесхрабруваат инвеститорите, како домашните така и странските.

– Даночната администрација сѐ уште се однесува нееднакво во целата територија и внесува неистоветно однесување и забуна кај компаниите – појаснува Беџети.
Како што вели тој, институционалниот капацитет е многу слаб, степенот на реализација на капиталните инвестиции е исто така многу мал, додавајќи дека дефинитивно се потребни структурни и институционални реформи.
Универзитетскиот професор Марјан Петрески вели дека проекциите за економскиот раст се прават во согласност со расположливите информации во моментот на проектирање.

– Подоцна, како што доаѓаат нови информации, така и самите проекции можеби и често претрпуваат промени. На пример, Владата најави дека 2019-та ќе биде година на економијата и еден таков оптимизам секако е во одредена мера вграден и во проекциите. Но ако фокусот врз економијата изостане, тогаш во следните циклуси на проектирање, секако дека тоа ќе се одрази со надолна корекција на проекциите – истакнува Петрески.

Според него, особено е тешко да се проектира во политички и економски нестабилно опкружување, во такви ситуации има поголема потреба од ревидирање на првичните проекции, и секако самите ревизии се поголеми.

Од институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“ неодамна истакнаа дека зголемениот трговскиот дефицит, пак, како клучна компонента во равенката за БДП ќе има негативно влијание врз економскиот раст.

– Политичката криза што неколку години владееше во земјава ја поткопа економијата. Неколкуте години неизвесност што ќе се случува во земјава, одвратија голем број странски инвеститори и забавија многу економски процеси што се случуваат во една стабилна економија. Неопходна е итна стабилизација најпрво преку враќање на довербата и зајакнување на владеењето на правото, едни од главните очекувани придобивки од влегувањето во евроинтегративните процеси. Само така може да ја вратиме економијата на правилниот пат – истакнуваат од „Фајненс тинк“.

katerina.p@novamakedonija.com.mk