Пократок сон за поевтина струја

1119

Најголема потрошувачка на електрична енергија кај домаќинствата во јануари, февруари и март е забележана во периодот од 14 до 16 часот, како и од 23 и 24 часот кога струјата се наплатува по евтина тарифа

Голем дел од македонските граѓани штедат на електрична енергија, а многумина дури ги менуваат навиките за да трошат повеќе енергија кога таа се наплаќа по пониска цена, или во евтината тарифа. Имено, од периодот на враќање на евтината тарифа прекуден, од 14 до 16 часот, надлежните институции забележале драстичен пораст на потрошувачката во овој период од денот, и тоа од 130, па дури и до 200 мегавати за еден час. Но граѓаните потврдуваат дека најчесто готват и машина за перење алишта и бојлер вклучуваат во вечерните часови, откако ќе почне евтината тарифа. Иако со воведувањето на евтината тарифа прекуден голем дел домаќинки гледаат и ручекот да го направат во оној период од денот кога има поевтина енергија, сепак, тие што одат на работа можат да го прават тоа само во ноќните часови.

Претставниците на „ЕВН Македонија“ што се доставувачи на електрична енергија до домаќинствата потврдуваат дека граѓаните најмногу енергија трошат кога таа се наплаќа по пониска цена.
– Најголема потрошувачка на електрична енергија од страна на тарифните потрошувачи во текот на зимските месеци, односно јануари, февруари и март е забележана во периодот од 14 до 16 часот, како и од 23 и 24 часот – велат од ЕВН.

Според социологот Илија Ацевски, тоа е нормална појава, бидејќи секој гледа некако да заштеди. Но сепак, како што истакна, прв проблем на кој се укажува со драстичниот пораст на користење на евтината тарифа е показател за сиромаштија, што, според него, е уште еден знак дека поголемиот дел граѓани се сиромашни.
– Начелно, секој гледа да плати помалку, или да искористи нешто по пониска цена. Тоа е сосема нормално и во ред да се користат пониски цени, но ако имаме драстичен пораст на потрошувачката на електрична енергија во евтина тарифа, тоа е и аларм дека голем дел граѓани се сиромашни и дека немаат доволно средства за основните потреби – започна Ацевски.
Тој појаснува дека особено проблематично се покажува менувањето на навиките кај граѓаните само за да се искористи поевтина енергија.

– Менувањето на навиките кај граѓаните, на пример домаќинките да чекаат да дојде евтина енергија за да го зготват ручекот, или да го чекаат тој термин за да вклучите бојлер или каква било друга активност што е поврзана со трошење енергија, е показател за голема сиромаштија. Особено ако притоа не се заштедува многу, односно не менува многу на сметките за електрична енергија. Ова се показатели дека добар дел од луѓето се наоѓа во лоша економска состојба, па мора да штеди на сѐ. Сиромашните најголем дел од парите даваат за храна, па затоа штедат и на електрична енергија, за да им остане за храна. За други потреби, како обувки и облека, ретко одвојуваат средства, додека за другите потреби или за уметност не им остануваат воопшто средства – додава Ацевски.