Поевтин роаминг со Грција

162

Поевтин роаминг меѓу Македонија и Грција, а во делот на податочниот сообраќај уште во летната сезона, најавија вчера ресорните министри на двете држави, Дамјан Манчевски и Никос Папас, по потпишувањето меморандум за разбирање.

– Се согласивме дека максималните цени на роаминг-услугите треба да се намалат до нивото на оние цени што се менуваат во ЕУ. Со меморандумот се предвидува динамично намалување на големопродажните и на малопродажните цени во роаминг-услугите за да дојдат на ниво како што важат и во ЕУ пред да се воведе принципот роаминг како дома – вели Манчевски.

Меморандумот е прва билатерална активност по потпишувањето на договорот од Преспа, а во иднина како што најавија Манчевски и Папас, ќе следуваат билатерални договори во уште многу области со конкретни придобивки за граѓаните.
Регулаторните телекомуникациски агенции во наредните два месеца треба да ги известат министерствата за конкретните чекори доколку се потребни одредени измени на законската регулатива.

– Ќе се обидеме до крајот на мај и почетокот на јуни да ги имаме првите резултати. Целта е ова лето граѓаните да почувствуваат конкретни резултати особено во делот на Интернет. Динамиката што ја утврдивме за целосното укинување на цените во роамингот, иако во меморандумот оставивме малку повеќе простор, ќе сакаме сепак да се изедначи со динамиката што ја имаме со другите земји од Западен Балкан, што значи до 2021 година – рече Манчевски.

Следниот чекор, појасни, е целосно укинување на роамингот, веќе одредивме и динамика со која сакаме пред почетокот на туристичката сезона да имаме намалување на цените на податочниот сообраќај со што ќе им се овозможи на граѓаните од ова лето да го почувствуваат тоа.

Искуството од склучената спогодба со Србија, Црна Гора и со БиХ покажува дека овие мерки придонесуваат за зголемен обем на сообраќај особено кај пристапот до мобилен Интернет во роаминг. Очекуваме дека истите ефекти ќе се постигнат и за нашите граѓани што ќе патуваат во Грција и обратно – додаде Манчевски.

Грчкиот министер за дигитални политики и телекомуникации Никос Папас, пак, истакна дека се подготвени да ги преземат сите правни мерки и активности за граѓаните од двете држави многу брзо, уште во претстојната туристичка сезона, да имаат намалување во телекомуникациските сметки.

– Пред нас се отвораат многу можности и сметам дека и двете влади имаат обврска да ги искористат позитивно овој момент и атмосферата, која може да носи добри новости за иднината – вели Папас. Е.Р.