Поевтина струја, почист воздух и стабилен енергетски систем

384
Фото: Игор Бансколиев

Со поставување 10 илјади сончеви покриви, Република Македонија во атмосферата ќе емитува 30 милиони килограми помалку јаглероден диоксид секоја година, во споредба со еквивалентното производството на струја од фосилни горива

Намалување на загаденоста на воздухот, помали сметки за струја за граѓаните и поголема стабилност за електродистрибутивната мрежа ќе се обезбеди со реализација на проектот насловен „10.000 сончеви покриви“. Станува збор за проект, кој од пред две години го развива компанијата „Сието“, и со кој е предвидена изведба на индивидуални системи за производство на електрична енергија од сонце, наменети за домаќинствата. Секој систем би требало да има моќност од 1 до 5 киловати, да биде монтиран на покрив на објект, или во двор на индивидуално домаќинство.

– Според нашата замисла, доколку на целата територија на Република Македонија се постават сончеви колектори на 10.000 покриви за сопствено производство на електрична енергија придобивка ќе имаат сите. Покрај сопствениците, чии сметки ќе бидат намалени, ова ќе биде придобивка и за државата и за дистрибутерите. Ако се постават сите 10 илјади сончеви покриви, може да се произведат и до 65 гигават-часа електрична енергија – вели Звонко Марковски сопственик на компанијата „Сието“.
Марковски објаснува дека со двонасочно излезно електрично броило, произведената струја ќе се користи во домаќинството или по системот нет-метеринг, вишокот ќе му се предаде на дистрибутивниот систем.

„Нова Македонија“ пишуваше дека наскоро, со донесувањето дополнителни подзаконски акти, ќе се дефинираат начините на кои ќе можат граѓаните или помалите компании да го предаваат вишокот струја во системот. Со нивното донесување најпосле ќе се создаде можност граѓаните сами да си произведат електрична енергија од сонцето и да ги намалат своите трошоци, а доколку имаат вишок енергија, да ја продадат или компензираат.

– Целта ни е преку проектот „10.000 сончеви покриви“ да покажеме дека фотоволтаичните системи можат да бидат исплатливи и за малите инвеститори. Бенефициите ќе ги почувствуваат самите потрошувачи, со намалувањето на конвенционалните сметки за струја, а операторот на пазарот на електричната енергија, поради растоварувањето на системот. Придобивки ќе има и државата со отворање нови работни места – додаде Марковски.

Неговата компанија важи за еден од лидерите во областа за искористување на сончевата енергија за задоволување на потребите од електрична енергија. Имено уште пред 11 години во Македонија ја изградиле првата куќа, која своите потреби за струја ги добива од сонцето и од ветерот. Иако првично истата таа била направена како експериментален и изложбен проект на компанијата „Сието“ и на сопственикот Звонко Марковски, куќата во последниве 5 години служи како објект за постојано живеење.
Според Марковски, со новиот проект, дисперзираната фотонапонска централа, односно сите фотонапонски системи монтирани во рамките на проектот „10.000 сончеви покриви“, освен за подобрување на енергетската состојба во Македонија, ќе придонесе и за намалување на штетните емисии на јаглеродниот диоксид во атмосферата.

– Со комплетирање на проектот, Република Македонија во атмосферата ќе емитува 30 милиони килограми помалку јаглероден диоксид секоја година, во споредба со еквивалентното производството на струја од фосилни горива. Фотонапонските панели добро се вклопуваат во животната средина, не го нарушуваат еко-системот, не загадуваат и позитивно влијаат од аспект на намалувањето на емисијата на штетни гасови во атмосферата. Доколку нашиот проект за инсталирање 10.000 фотоволтаични системи заживее, Македонија ќе добие дисперзирана соларна електрична централа со вкупно максимално годишно производство на електрична енергија од 44 до 65 гигават-часа годишно – појаснува Марковски.

Тој додава дека во реализација на проектот државата не инвестира, но за неа најмногу ќе се исплати. Според него, неопходно е за граѓаните да се обезбедат достапни кредити со ниски камати до 3 проценти, како за инвестиции за зачувување на животната средина, бидејќи ретко кој има доволно финансии целосно да го исплати поставувањето сончеви колектори за производство на струја.

– Првиот чекор кон оваа можност со новиот закон е остварен, сега уште да пристигне подзаконската регулатива, и да се види дали ќе се компензира или ќе се плаќа произведената електрична енергија од граѓаните. Ние веќе имаме 15 локации каде што се монтираат сончеви колектори за производство на струја, но истите тие се прават само за задоволување на потребите на инвеститорот, бидејќи досега законот не овозможуваше вишоците да се продаваат – додава Марковски.