Зголемување на можностите за вработување на жените од руралните средини, признавање на неплатениот труд на жените, наоѓање решенија за жените од руралните средини што немаат остварено право на пензија, се некои од барањата испратени од Националната федерација на фармери и Мрежата за рурален развој на Меѓународниот ден на жената од руралната средина, 15 октомври.

Во насока на понатамошно подобрување на состојбата на руралните жени во земјава, Васка Мојсовска, претседателка на Националната федерација на фармери, предложи воведување повеќе мерки.

– Националната федерација на фармери бара воспоставување сет мерки за зголемување на можностите за вработување на жените од руралните средини, креирање мерки за признавање на неплатениот труд на жените, наоѓање решенија за жените од руралните средини што немаат остварено право на пензија преку измена на Законот за социјална пензија, како и измени на Законот за здравствено осигурување за остварување на правото на родителско отсуство и боледување на регистрираните земјоделки, односно земјоделци – кажа Мојсовска.

Анели Леина, регионална директорка на шведската организација за развој „Ви ефект“, истакна дека зајакнувањето на правата на руралните жени е од суштинско значење за развој и просперитет на руралната заедница.
– Кога руралните жени се поддржани и нивните права се загарантирани, позитивните ефекти се видливи не само во нивните семејства, туку и во заедницата и целото општество.

Тие се иднината на руралната економија и затоа треба да имаат далеку поголеми можности, глас и одлучувачка моќ во својата заедница, а нивните права треба да бидат заштитени – посочи Леина.
Меѓународниот ден на жената од руралната средина годинава беше одбележан со настан во Демир Капија, кој го организираа Националната федерација на фармери и Мрежата за рурален развој со поддршка на шведската организација за развој.