Подготвена стратегија за обнова на фасадите

551
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Идејата е да се обезбеди ефикасно намалување на потрошувачката на енергија, со примена на мерки за енергетска ефикасност и истовремено намалување на загадувањето на животната средина, велат од Министерството за економија како носители на стратегијата

Обнова на фасадите на станбените објекти, како на јавните така и на комерцијалните згради, е предвидена со последната стратегија за реконструкција што ја предлага Министерството за економија. Идејата е да се обезбеди ефикасно, економски оправдано намалување на потрошувачката на енергија, со примена на мерки за енергетска ефикасност и истовремено намалување на загадувањето на животната средина и ублажување на климатските промени.

Во стратегијата за реконструкција е предвидено да се направи прво преглед на националниот фонд на згради, идентификување на трошковниот пристап за реконструкција во зависност од видот на зградата и климатската зона, но и да се донесат политики и мерки за стимулирање значајни реконструкции на згради.
Како што е посочено во Законот за енергетска ефикасност, една од целите е насочување на одлуките за инвестирање на поединците или, пак, на градежната индустрија и на финансиските институции.

– Со новиот закон за енергетска ефикасност нашата држава во целост ги имплементира соодветните прописи за енергетска ефикасност на Европската Унија. Уште поважно, се овозможува реализација на потребните инвестиции и мерки во областа на енергетската ефикасност, следејќи ги позитивните примери од земјите на ЕУ и регионот, каде што енергетската ефикасност остварува корист на повеќе нивоа, како за граѓаните така и за економијата воопшто. Ние сме земја што е увозно зависна и секој денар во енергетска ефикасност носи повеќе придобивки. Рационалното користење енергија треба да биде императив за сите јавни институции, бидејќи на тој начин се заштедуваат средствата од буџетот, а наедно се подобруваат условите за работа, при што се намалува товарот на државните расходи и се намалува загадувањето – вели министерот за економија Крешник Бектеши.

Меѓу другото, во законот е истакнато дека ќе се прави процена базирана на докази за очекуваната заштеда на енергија и за пошироките придобивки. По предлог од Министерството, Владата ќе носи тригодишни програми за реализација на стратегијата за реконструкција, во која ќе бидат испланирани мерките и активностите за подобрување на енергетската ефикасност. Исто така се планираат и образовни и промотивни активности, кои ќе бидат насочени пред сѐ кон поттикнување реконструкција на зградите во приватниот сектор.

Средствата за подготвување на стратегијата за реконструкција на згради се обезбедуваат од буџетот, грантови или донации, во согласност со прописите за државна помош.

Со овие измени, јавниот сектор треба да ја презема водечката улога и е обврзан да дава позитивен пример во поглед на подобрувањето на енергетската ефикасност во Македонија. Законот пропишува обврски за реконструкции на зградите во јавниот сектор на среден и долг рок и обврски за јавни набавки на исклучиво енергетски ефикасни стоки и услуги. Исто така пропишува и обврски за следење на потрошувачката и заштедите на енергија од општините и другите јавни институции. Со ова, јавниот сектор, а пред сѐ Владата и Министерствата, ќе ја преземат водечката улога кон остварување на целите за енергетска ефикасност, кои претставуваат обврска во согласност со договорот за енергетската заедница, на патот на нашата држава кон полноправно членство во ЕУ.