Повратниците – импулс за раст на домашната економија

152
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Повратниците што се враќаат во земјава имаат потенцијал да бидат голем импулс за домашното стопанство, поради тоа што тие веќе се оспособени и висококвалификувани за да се вклучат директно во економските процеси. Во нашата држава имаме работна сила што не е доволно квалификувана, како и одреден степен на невработеност, а со повратниците има голема шанса споменатите недостатоци да се избалансираат. Потребно е само нивно канализирање, ставање во функција, а државата треба да покаже креативност и инвентивност за да ја реализира шансата како придобивка

По најавите дека Германија ќе го редуцира бројот на работници од Западен Балкан

Најавите дека Германија ќе го намали приливот на работници од Западен Балкан, меѓу кои и Македонија, се очекува дополнително да се одрази врз бројот на невработени во земјава, но и врз приливите од странство, бидејќи овие работници своите плати ги испраќаат кај семејствата во земјава. Сепак, економистите истакнуваат дека ова наедно е и можност во земјава да се задржат овие кадри, а наедно и ефикасно да се искористат.
– Економската состојба во ЕУ секако ќе влијае кај нас не само преку работниците, кои сега потешко ќе доаѓаат до работа во Германија, туку и директно, бидејќи нашиот извоз над 60 отсто е наменет за тој пазар. Во случајот на Германија, најмалку ќе имаме негативен импакт поради две причини, прво Германија е единствена земја со која ние имаме голем трговски суфицит и наш најголем и најстабилен трговски партнер и второ тоа е земја со најголем број наши граѓани на привремена работа таму, кои поради кризата сѐ помалку ќе можат да ремитират (трансферираат) пари во земјата. Тешко е да се квантифицира тој негативен импакт ама ќе биде голем, во наши размери.

Во однос на одбивноста на прием на нови работници (сега и натаму) мислам дека на краток рок и на индивидуално гледиште може да биде лоша околност, но од аспект на задржување на професионална работна сила во земјата и престанување на иселувањето на младите ќе биде позитивно. Со добри и паметни економски политики оваа состојба може да биде претворена во шанса и придобивка. Сите млади што заминуваат таму се поспособни од тие што остануваат во земјата, поради што и немаме соодветна работна сила во државата покрај високата невработеност – објаснува професорот Абдулменаф Беџети од Универзитетот на Југоисточна Европа.

Намалувањето на дознаките ќе ја зголеми сиромаштијата во земјава

Беџети додава дека дознаките играат голема улога во нашата економија, без разлика што официјално сумата што влегува во земјата по таа основа варира од година на година.
– Мислам дека вкупниот износ на дознаките се движи од 1,2 до 1,5 милијарда евра годишно (со кои се финансира над 75 отсто од трговскиот дефицит секоја година). Овој износ е огромен потенцијал. Друга тема е за што е наменет и како се користи овој потенцијал. Покрај економската важност на дознаките тие се многу важни и од социјален аспект, бидејќи влијаат врз редуцирање на сиромаштијата и ублажување на економските тешкотии на семејствата што немаат вработени или, пак, немаат соодветни приходи. Од трета страна, дознаките влијаат и преку потрошувачката, фискалниот импакт е многу важен и тоа како кај ДДВ-то така и кај акцизите, поточно кај двата најпродуктивни видови даноци – истакнува професорот Беџети.
Тој додава дека состојбата во земјава е навистина загрижувачка и како и секоја друга криза и од оваа некои компании може да банкротираат, додека други се приспособуваат, и ќе преживеат оние што се приспособиле со иновативни решенија и пронашле нови пазари и нови модалитети, технологии и слично.

– Секоја криза, па и оваа, за некого ќе биде фатална, но за некои други шанса и зајакнување. Се разбира тука и државата има многу значајна улога. Таа може да помогне многу во справување со предизвиците – заклучува Беџети.
За потсетување, поради падот на германската економија предизвикан од мерките за сузбивање на пандемијата на коронавирусот, невработеноста во Германија значително се зголеми. Растот на невработеноста во земјата ги натера надлежните да размислуваат за намалување на имиграцијата на работната сила, и тоа намалување ќе се однесува на работниците од Западен Балкан.
– Проблемот со порастот на бројот на невработени главно се темели на големиот расчекор на потребите и понудата на работници со одредени квалификации и знаења. Така, може да се случи голем дел од овие повратници да не сакаат да се вработат во нашите компании, а од друга страна компаниите постојано да се жалат на недостиг од работници. Но решението на овој проблем е долгорочно и треба да се бара во реформите на образовниот систем, а истовремено и во промена на структурата на нашето стопанство и отварање компании, кои ќе произведуваат производи или ќе нудат услуги со многу поголема додадена вредност од сегашната. Најдобро решение е ако овие повратници стекнатиот капитал и искуство со работата во странство ги инвестираат во отварање сопствени бизниси и така од една страна го решат проблемот со нивно вработување, но, исто така, позитивно ќе влијаат на растот на домашната економија – смета претседателот на Организацијата на работодавци на Македонија, Ангел Димитров.

Последиците од пандемијата ќе се чувствуваат и следната година

Според него, приливот на средства од нашите иселеници е многу значајна ставка за нашиот платен биланс и без овие средства Македонија би имала проблем со дефицитот во билансот на плаќање со странство. Димитров истакнува дека ваквата состојба е резултат на нашата инфериорност на странските пазари и скоро двојно поголемиот увоз од извоз. Тој посочува дека дури и големите странски инвестиции во ТИРЗ-овите не го решија овој проблем, иако имаат големо учество во зголемување на извозот, поради големиот процент на увезени суровини и репроматеријали што доаѓаат од увоз.
Димитров наедно укажува дека проблемите што настанаа поради пандемијата најверојатно ќе се одолжат и ќе се чувствуваат и следната година, поради што компаниите ќе мора да бидат иновативни и да бараат решенија за состојбата.
– Проблемите со ковид-19 веројатно ќе потраат подолго и последиците би се чувствувале и во првата половина на 2021 година.

Затоа нашите компании мора да се приспособат на оваа состојба и проблемите што ги носи со себе. Барањето нови пазари треба да биде постојана задача, а не само сега во услови на пандемија. Но пандемијата предизвика проблеми за компаниите од целиот свет, не само за кинеските, европските или американските. Затоа секаде ќе биде тешко да се настапи и да се најде пласман на нашите производи или услуги, бидејќи стравот што го носи пандемијата директно влијае на падот на побарувачката на стоки и услуги во целиот свет. Можеби нашите компании во овој период треба да се концентрираат на воведување нови производи и услуги, промени во асортиманот на производите, обуката на вработените и секако иновациите и осовременување на технологиите. Затоа што во кое било време и во каква било криза можностите за спас и за излегување од кризата полесно ќе ги имаат компаниите со современа технологија, квалитетни производи и оние што имаат финансиска стабилност – истакнува Димитров.