Повеќе субвенции за приплоден добиток со педигре

91

До 11 април годинава може да се поднесуваат барања за финансиска поддршка за приплодни овци, кози и јуници со педигре, набавени од увоз или од домашни признаени организации.

Како што соопшти вчера директорот на Платежната агенција, Николче Бабовски, повикот е објавен во понеделникот, а предвидува 50 до 75 отсто поврат на средства за направениот трошок при набавката.

За оваа мерка од Програмата за рурален развој се обезбедени 91 милион денари за разлика од порано кога беа проектирани само 14 милиони.

– Сакаме да покажеме дека навистина се грижиме за сточарството и за зголемување на добиточниот фонд. Повратот на средствата за набавка на приплоден добиток со педигре е максимум 75 отсто зависно во какви услови се одгледуваат грлата, дали станува збор за млад или за жена-фармер – објасни Бабовски.

Тој нагласи дека новина е тоа што барателите на финансиска поддршка најпрво склучуваат договор со Платежната агенција за субвенциите, а потоа ја реализираат инвестицијата со што им се гарантира повратот на средства што не беше случај досега.
Поддршката за набавка на приплодни грла со педигре не важи само за маторици.
– Апликантите што биле корисници на финансиска поддршка за набавка на трактори преку ИПАРД или националните програми во претходните пет години, не се прифатливи како корисници на оваа мерка – додава Бабовски.

Тој потсети дека Платежната агенција изминатите три недели им исплати над 35 милиони евра на 72.000 лица, од кои 26.906 одгледувачи на житни култури, 33.000 одгледувачи на обележани грла, кози, овци, говеда и несилки, 15.000 лозари и 11.428 раноградинари.

– Оваа практика на навремена неселективна исплата на субвенциите ќе продолжи – спомена директорот Бабовски. Е.Р.