Фото: Игор Бансколиев

Индустриското производство има нагорни или надолни тенденции, а упатените укажуваат дека тоа е резултат на неизвесноста наметната од пандемијата, поради која потрошувачката е намалена или нестабилна. Ваквите појави се повторуваат, нарачките де се намалуваат де се зголемуваат, немаат сигурност, нема стабилност, односно има голема непредвидливост, а токму таа многу тешко се одразува врз бизнисот

Пандемијата донесе голема непредвидливост за работењето на реалната економија

Неизвесноста, несигурноста, но и променетите навики кај потрошувачите влијаат на индустриското производство, кое од месец на месец има нагорни и надолни трендови. Последните податоци од Државниот завод за статистика (ДЗС) покажуваат дека во текот на август оваа година, во споредба со истиот месец минатата година, имаме пад од 1,4 отсто, а најголем е падот кај секторот преработувачка индустрија, од 3,5 проценти.
– Намалувањето во секторот преработувачка индустрија е резултат на намаленото производство во секторите производство на прехранбени производи, производство на пијалаци, производство на текстил, производство на облека, производство на машини и уреди, неспоменати на друго место и производство на моторни возила, приколки и полуприколки – стои во соопштението на ДЗС.
Извештаите на статистика покажуваат дека од месец на месец индустриското производство има нагорни или надолни тенденции, а упатените укажуваат дека тоа е резултат на неизвесноста наметната од пандемијата, поради која потрошувачката е намалена или нестабилна.
Универзитетскиот професор Ванчо Узунов објаснува дека поради намалената потрошувачка, како кај нас, така и во светот, компаниите се ставени во неповолна позиција, не знаат кога и каква нарачка ќе добијат, а поради тоа и не се во можност да прават планови за следниот период.

– Подемите и падовите на индустриското производство во голема мера се резултат на нестабилноста на побарувачката. Имаме нестабилност и во домашната и во странската побарувачка, односно и на домашниот и на странските пазари, што е резултат на негативниот ефект на пандемијата. Иако рестриктивните мерки се ублажени, некаде речиси целосно укинати, сепак, самото ширење на вирусот предизвикува несигурност, а оттука и нестабилност во потрошувачката, поради што се намалуваат или зголемуваат порачките, но сѐ уште пазарите се многу непредвидливи и тоа се одразува врз индустриското производство.
Има ситуации кога компаниите имаат многу мали нарачки, па некои од нив морале да ги намалат и нарачките на репроматеријалите, но можеби и бројот на вработени, па кога ќе се појави поголема нарачка се ставени во неповолна позиција бидејќи не знаат до кога ќе трае таа зголемена порачка, Во таква ситуација компаниите треба повторно да ги зголемат нарачките, но и бројот на вработени, а не секоја дејност или секоја компанија е во можност да најде работници за краток период, дополнително што за некои е потребна обука, соодветно образование. Лошо е што ваквите појави им се повторуваат, нарачките де се намалуваат де се зголемуваат, немаат сигурност, нема стабилност, односно има голема непредвидливост, а токму таа многу тешко се одразува врз бизнисот – укажува Узунов.
Професорот смета дека дури и да дава помош државата за компаниите, ефектот од неа пак ќе биде под знак прашалник, бидејќи неизвесноста е сѐ уште присутна и тоа не им овозможува на компаниите да прават планови за иднина. Тој посочува дека воопшто многу е тешко да се прават прогнози за иднината поради и понатаму присутната пандемија.

– Прогнози за стабилизирање на состојбите е речиси невозможно да се даваат, пред сѐ бидејќи ниту медицинарите не можат да предвидат крај на пандемијата. Сите надежи беа насочени кон вакцинацијата и сузбивањето на вирусот, но сите гледаме што се случува, делумно поради невакцинираните граѓани, делумно што вирусот го фаќаат и вакцинирани граѓани, но факт е дека тој сѐ уште се шири и создава голема неизвесност. Навистина е тешко за бизнисите да се снаоѓаат во вакви услови, иако сите се надеваме на стабилизација, сепак, сведоци сме на повторни и повторни бранови на ширење на вирусот не само кај нас туку и во соседството и во светот – потенцира Узунов.
Претседателот на Бизнис-конфедерацијата на Македонија, Миле Бошков, исто така, вели дека неизвесноста игра голема улога во нестабилноста на индустриското производство, но исто така додава дека веќе се смениле или се менуваат навиките на граѓаните за пазарување и за потрошувачка.
– Се променија потрошувачките навики на граѓаните, што можеби се должи и на пандемијата, но во суштина луѓето сфатија дека можат да ги задоволат своите потрошувачки навики и на друг начин. Поради тоа се намали масовната потрошувачка, но и патувањата се намалија, и на тој начин се намалува потрошувачката, па и луѓето се повнимателни што купуваат. Дополнително што граѓаните се насочуваат кон е-трговија, е-комерција, порачки преку интернет, а некои и кон повнимателни набавки, намалување на трошоците, а сето ова резултира со намалување на потрошувачката. Дополнително што кај нас се купува сезонски, она што го наметнува сезоната како потреба е приоритет, а потоа се задоволуваат преостанатите потреби – објаснува Бошков.

Тој дополнува дека е тешко да се предвиди во која насока ќе се движи економијата следниот период и кога би станала постабилна, не само поради пандемијата туку и поради случувањата со енергијата на светските берзи, што исто така ги зголемува неизвесноста и несигурноста кај бизнисмените.
– Тешко е да се прават сериозни анализи, ниту на светско ниво не сум прочитал проекции за движењата на економијата, бидејќи состојбите од ден на ден се менуваат. Дополнително на промените наметнати од пандемијата, се надоврза и растот на цените на енергентите, но и можниот раст на цените на прехранбените продукти – посочува Бошков.
Од институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“, кои редовно ги следат економските текови во земјава, во последната анализа исто така укажуваат дека неизвесноста и понатаму е присутна и дека таа негативно се одразува врз економијата.
– Неизвесноста во економијата повторно се зголеми во третиот квартал од 2021-та, со четвртиот бран од пандемијата. Иако се очекува дека мерките за спречување на ширењето на коронавирусот од август 2021 ќе имаат ограничен неповолен ефект врз економијата, сепак неизвесностите кај најпогодените дејности сé уште се нагласени – напишаа од „Фајненс тинк“ во последниот макроекономски мониторинг.