Од понеделник почнува функционирањето на платниот промет во Македонска пошта преку кој граѓаните ќе можат повторно да ги плаќаат своите сметки и да вршат други плаќања во готово.

Согласно договорот потпишан меѓу Македонска пошта и „Халкбанк“, која беше избрана за банка преку која ќе се одвива платниот промет, банката ја исполнила својата обрска до 1 март да го имплементира системот за наплата.

– Платниот промет, во првата недела ќе биде достапен во повеќе избрани подружници на Пошта и тоа: во Скопје 1 и Скопје 2, подружниците во Тетово, Гостивар, Кичево, Охрид, Битола, Прилеп, Кавадарци, Велес, Гевгелија, Струмица, Штип, Кочани и Куманово. Во текот на март услугата ќе биде достапна во сите останати единици на Пошта – се наведува во известувањето.

Плаќањето во готово преку шалтерите на Пошта ќе биде со провизии од 35 денари за плаќање сметки и други режиски трошоци, додека висината на провизиите за уплати кон буџетски установи е во зависност од износот кој се уплаќа.

Според најавите, во скоро време коминтентите на „Халкбанк“ на шалтерите на Пошта ќе можат да вршат и директни плаќања од своите сметки, а ќе бидат овозможени и други банкарски, дополнителни услуги.