Перспективите за развој на планинскиот туризам сѐ уште се замаглени

189
Фото: Игор Бансколиев

Најголемиот недостиг се огледува во малиот број сместувачки капацитети на сите македонски планини, ако ги исклучиме Попова Шапка и Маврово како зимски спортски центри, укажува универзитетскиот професор Мијалче Ѓоргиевски

Иако расте бројот на граѓани што ги посетуваат планинските предели во земјава, а се зголемува и интересот на посетителите од странство, сепак, посетеноста на нашите планини сѐ уште е релативно слаба. Причина за тоа, според упатените, се недоволниот број сместувачки капацитети и неразвиената инфраструктура, што особено стана видливо во текот на изминатава година, кога, поради пандемијата, сѐ поголем број луѓе почнаа да се интересираат за планинскиот туризам како за подостапна и побезбедна опција.
– Од почетокот на пандемијата се забележува зголемен број на посетители на планините. Бидејќи долги години планинарам, забележувам дека постојано има нови планинари, и радува што последниве години има многу млади што ги посетуваат планините – вели Живко Темелковски, долгогодишен планинар и заменик-претседател на Федерација за планинарство.

Природата ги создала условите

Професорот Мијалче Ѓоргиевски од Универзитет за туризам и менаџмент – Скопје објаснува дека по своите релјефни карактеристики Македонија е планинско-котлинска земја, каде што 43 отсто од територијата е планинско земјиште. Истакнува дека поради својата интересна релјефна структура, има поволни услови за развој на планинскиот туризам.
– За да имаме развиен туризам, треба инфраструктурно да биде надградено од страна на човекот за локалитетите да станат достапни за туристите. Најголемиот недостиг се огледува во малиот број сместувачки капацитети на сите македонски планини, ако ги исклучиме Попова Шапка и Маврово, како зимски спортски центри. За жал, иако речиси на сите планини во Македонија постоеја одморалишта и планинарски домови, со несоодветен третман се дозволи да пропаднат. Не постоеше планина каде што не беше изградено детско одморалиште, кои беа исполнети и во зимскиот и во летниот период. Недостигаат квалитетни и современи планинарски домови, кои се основа за развој на планинарскиот туризам. Во 2019 година имало само 11, кои располагаат со 45 легла. На многу од планините се изградени викенд-населби, но не се поткрепени со соодветни содржини за да функционираат како вистински туристички центри. Многу од викенд-куќите се издаваат, но тоа е надвор од системот, без соодветна категоризација и пријавување на гостите, за да имаме реална слика за туристичкиот промет и бројот на туристи – објаснува Ѓоргиевски.

Алпите како атракција и во зимскиот и во летниот период

Професорот укажува дека во светот има земји каде што се практикува посета на планински реони и тоа го развиле како туристичка гранка, а како пример ја посочува соседна Србија. Тој го посочува примерот на Златибор како престижна туристичка дестинација, каде што годишно се реализираат над еден милион ноќевања. Наедно објаснува дека кај нашиот северен сосед во последните години со инфраструктурни зафати туристички ја активирале и Стара Планина во источниот дел на Србија.
– Најкласичен пример се Алпите како најразвиен туристички регион. Иако сите ги идентификуваме со зимскиот туризам и скијањето, туризмот таму настанал како летна форма на туризам, и тоа како здравствен и рекреативен туризам, па дури потоа се појавило скијањето. И денес Алпите, кои се протегаат во шест држави, еднакво се активни туристички и во летниот и во зимскиот период. Речиси сите држави во светот што сериозно се занимаваат со туризмот ги користат туристичките потенцијали на своите планини независно од тоа што немаат услови за зимски спортски туризам за развој на алтернативните форми на туризам. Во таа насока треба да се движи и стратегијата за развој на туризмот во нашата држава, бидејќи сведоци сме дека во последната деценија снежните врнежи се недоволни за опстанок на зимските центри и треба да се размислува за нивна трансформација и нудење нови содржини на туристите, за да се искористат сместувачките капацитети во текот на целата година – објаснува професорот Ѓоргиевски.

Како се промовира планинскиот туризам

Голем потенцијал во планинарењето како туристичка компонента гледа и првиот човек на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ), Љупчо Јаневски, кој истакнува дека активно работат на полето на промоција на овој тип туризам и на привлекување посетители за прошетки по планини.
– АППТ последните две години активно работи на промоција и поддршка на алтернативните форми на туризам, во кои спаѓаат и планинарските активности. Со федерацијата се обележани повеќе од 250 патеки за качување по карпи и се поставени нови клинови. Пандемијата создаде нови целни групи на туристи, кои својот фокус го насочуваат кон екотуризмот, руралниот туризам, посета на националните паркови, заштитените подрачја, планинарењето и престој во природа – вели Јаневски и додава дека го уочиле интересот за развој на оваа форма на туристичка понуда, која има голем потенцијал благодарение на неоспорните природни ресурси.
АППТ по предлог од планинарската федерација во програмата за 2021 година ќе го реализира проектот „Десет планински врвови“, со кој низ планините ќе бидат означени патеки за качување, информативни табли и туристичка валоризација, што, според него, ќе овозможи поголем фокус на планинарењето и можност за привлекување туристи, пред сѐ домашни и регионални.
– Промоцијата во 2021 година ќе се одвива преку интернет, со фокус на социјалните медиуми и продолжување на кампањата #домасиедома, која се покажа како многу успешна. Истата таа ја преставува Македонија како дестинација за алтернативен и адреналински туризам, што привлече во нашите ски-центри туристи од Украина, Белорусија и од Молдавија за сезоната 2020/2021. Патувањата во 2021 година поради пандемијата ќе се одвиваат во мали групи, семејства фокусирани кон екотуризмот, гастрономијата, малите сместувачки капацитети во рурални средини – истакна Јаневски.

Можности има, треба само да се искористат

Претставникот на здружението „Ски Маседониа“ посочува дека иако во земјава има приватни капацитети за сместување на заинтересирани посетители, сепак, не во доволен број.
– Имаме можности, треба да знаеме да ги искористиме, за да имаме поголем број посетители во планините. Треба поголема ангажираност од планинарските здруженија, за да имаат поголем прилив на финансии и да имаат средства за одржување. Одредени планини немаат потреба од сместувачки капацитети, бидејќи се поблаги и луѓето ги практикуваат како еднодневна посета. Но за поголемите планини треба сместувачки капацитети, во разни форми, и планинарски домови што би служеле и како засолништа, бидејќи на планините знае нагло да се промени времето. Факт е дека имаме раст кај инкаминг-туризмот, сѐ повеќе агенции носат странски туристи за скијање, но и за посета на планините во лето. Имаат и водачи во согласност со интернационални стандарди. Во подем е домашниот планинарски туризам, но има простор за уште поголем раст – вели Христијан Трајчевски, претседател на асоцијацијата „Ски Маседониа“.
Она што го истакнуваат сите соговорници се бенефицијата од престојот на планина и позитивното влијание врз здравјето на луѓето што одат на планина.