Пензискиот систем неодржлив без буџетските инфузии

338
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Освен што Светската банка неодамна предупреди дека Македонија има потреба од реформирање на својот пензиски систем за да може да ги издржи фискалните притисоци и да ја подобри својата правичност, и домашните експерти се согласни дека состојбата е неодржлива и дека е потребен цел пакет од мерки за нејзиното надминување

Пензискиот систем во Македонија е осуден на пропаст ако драстично не се реформира. Сегашниот сооднос меѓу бројот на пензионери и бројот на вработени сигнализира дека натамошното функционирање на пензискиот систем, кој се темели на принципот на генерациска солидарност, односно со исплата на пензиите од придонесот што го уплаќаат вработените, полека станува неодржлив, и секоја година на Фондот му недостигаат сѐ повеќе пари за да исплати пензии и поради тоа мора да бидат префрлени од буџетот на државата. Освен што Светската банка неодамна предупреди дека Македонија има потреба од реформирање на својот пензиски систем за да може да ги издржи фискалните притисоци, како и да ја подобри својата правичност, и домашните експерти се согласни дека состојбата е неодржлива и дека е потребен цел пакет од мерки за нејзиното надминување.

Благица Петрески, директорка на институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“, нагласува дека дефицитот во пензискиот систем е сериозен предизвик, половина од средствата за исплата на пензиите се исплатуваат со трансфери од централниот буџет.

– Оттука, пензиската реформа е неопходна за да се стабилизира растот на дефицитот во пензискиот систем, а на долг рок да се обезбеди самоодржливост на истиот тој. Резултатите од симулацијата на пензиската реформа, покажаа дека најдобро сценарио е пензиската реформа да биде со постепени чекори и мерки, а товарот од реформата да биде споделен помеѓу моменталните пензионери и моменталните вработени – објаснува Петрески.

Како што додава таа, реформата што во моментот е започната води сметка за овие основни принципи: пензиите се усогласуваат само до законски утврдениот максимум, а истовремено има благ пораст на стапката на придонеси.

– Ваквите мерки ќе помогнат во стабилизација на растот на дефицитот во пензискиот систем. Но овие мерки треба да бидат само почеток на реформата, и истите тие постепено да се дополнуваат, а истовремено да се избегнат мерки што ќе паднат на товар на пензискиот систем или ќе ја намалат ефективната граница за пензионирање – појаснува Петрески.

Во однос на препораката на Светската банка за зголемување на границата за пензионирање, директорката на „Фајненс тинк“ вели дека во моментот економијата и општеството не се подготвени за ваков тип мерка поради структурата на работоспособното население, „изработеност“ поради големата застапеност на трудоинтензивните работни места и потребата од предвидливост на ваквите промени.
– Но мора да ги вкалкулираме ризиците од демографските промени, како стареење на населението и иселувањето, и на среден рок да се подготвуваме за вакви чекори преку интензивирање на растот на економијата, подобрување на условите за работа, подобрување на квалитетот на животот – нагласува Петрески.

Претседателот на Организација на работодавци на Македонија, Ангел Димитров, укажува на тоа дека едностраните решенија ќе елиминираат еден проблем, но истовремено ќе предизвикаат друг.

– На пример, зголемувањето на стапката на придонесот ќе ја намали конкурентната способност на домашните компании и ќе ги демотивира работодавците да отвораат нови работни места и негативно ќе влијае на стапката на невработеност.

Зголемувањето на старосната граница ќе биде многу нехумано решение за вработените во земјоделството, градежништвото и некои преработувачки индустрии и ќе се случи вработените да не можат да дочекаат пензија, а повеќе од 40 години уплаќале придонес за пензиско и инвалидско осигурување. Затоа едностраните и едноставните решенија се погрешни – вели Димитров.

Инаку и Светска банка даде одредени насоки за стабилизирање на состојбата.
– Примената на еден силен пакет од политички мерки би можел фискално да го стабилизира и да ја подобри правичноста на пензискиот систем во земјата. На пример, зголемување на возраста на пензионирање би го одолжувало останувањето на работа на работниците, би ги зголемило новите стапки на замена и би ги намалило пензиските расходи и дефицити до 2 отсто од БДП на годишно ниво до почетоците на 2030 година – наведуваат од Светска банка.

Според нив, усогласувањето само на доспевањата во системот на генерациска солидарност за сите години на стаж со доспевањата на пензиите за учесниците во вториот столб, исто така, нагло би го подобрило финансирањето на пензиите.
– Зголемувањето на максималната граница на доспевање за доброволните и задолжителните учесници во вториот столб, воведувањето на социјална пензија и враќањето на членовите, кои се постари од 50 години од вториот столб во системот на генерациска солидарност ќе доведе до дополнителни трошоци, како на краток така и на долг рок – велат од Светска банка.

Оттаму додаваат дека во согласност со меѓународните стандарди, пензиското трошење на Македонија е на високо ниво на повеќе од 10 отсто од БДП и е нешто што дополнително ќе се зголемува во наредните две децении ако не се направат реформи.

– Високите пензиски расходи на Македонија во најголем дел произлегуваат од дополнителните адхок-индексирања и карактеристики на актуелниот систем на придонеси и пензии. Проекциите откриваат дека без реформа, пензискиот систем на земјата и понатаму ќе создава значителен дефицит што е веќе на ниво од 4 отсто од БДП – појаснуваат од Светска банка.

Тие сметаат дека во изминатава деценија е дојдено до влошување на финансирањето на пензискиот систем.

– Наместо да се спроведуваат дополнителни реформи во области што се клучни за пензискиот систем, како што се промена на ефективните стапки на доспевање, возраст на пензионирање и индексирањето на пензиите, властите се впуштија во дополнително адхок-зголемување на пензиите, намалување на стапките на придонеси и воведоа укинување на придонесите за промовирање на вработување. Ваквите политики доведоа до зголемување на расходите за пензии и до растечки дефицит – стои во извештајот на банката.

Тие велат дека за намалувањето на пензискиот дефицит, а истовремено и за задржување на куповната моќ на пензиите, би помогнало применувањето на индексирањето на пензиите од половина во однос на платите, половина во однос на цените на потрошувачката, во индексирање само врз основа на растот на цените.