Пензионерите бараат годините да не бидат услов за кредити

719
Фото: Дарко Андоновски

Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија се залага да се олабават условите за добивање кредити за пензионерите во земјава, бидејќи тие имаат редовни примања и редовно ги сервисираат своите обврски

Олабавување на условите за добивање кредити за пензионерите и продолжување на роковите за нивна отплата или воопшто за добивање кредити бараат од Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија (СЗПМ). Како што посочуваат од здружението, повозрасните граѓани, иако се редовни во намирувањето на своите банкарски обврски, сепак, се соочуваат со тешкотии и оневозможување на нивните барања за добивање кредити.

– Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија се залага да се олабават условите за добивање кредити за пензионерите во земјава, бидејќи тие имаат редовни примања и редовно ги сервисираат своите обврски. Сметаме дека е потребно да не се ограничуваат пензионерите според возраста, дека е неопходно да се продолжат годините за добивање и отплата на кредитите – велат од сојузот, посочувајќи дека во земјава има околу 320 илјади пензионери, бројка што не е занемарлива.

Од СЗПМ додаваат дека пензионерите како голема група во земјава се наоѓаат во незавидна позиција поради органичувачките услови наметнати поради нивната возраст. Истакнуваат дека како гаранции за барањата за кредити во банките може да се понудат и жиранти, било да станува збор за нивни деца или, пак, други помлади лица, како и друг тип гаранции.

Од своја страна, претставниците на банките велат дека условите за повозрасните граѓани се направени соодветно на состојбата во земјата и дека тие се навистина поволни.

– Банката нуди кредити за пензионери со максимален рок на отплата до пет години, при што барателот на крајниот рок на отплата не треба да е постар од 72 години. Барателите може да се информираат и да поднесат барање за кредит во сите експозитури или филијали на банката, а одобрувањето е брзо и без сложени процедури. Обезбедувањето за секој кредит се утврдува во согласност со актите на банката. Во согласност со актуелните услови за износ на кредит до 100.000,00 денари не е потребен жирант – велат претставници на Комерцијална банка.

Од Комерцијална додаваат дека „актуелните критериуми под кои банката нуди пензионерски кредити се атрактивни и доволно релаксирани“.

– Побарувачката за споменатиот кредит е задоволителна, а сите услови се јавно објавени на веб-страницата на банката и тие се конкурентни и во согласност со потребите на клиентите. Банката ги следи пазарните трендови и континуирано модифицира или креира нови производи и услуги за зголемување на нивната достапност и квалитет – истакнуваат оттаму.

Пензионерите со кои се консултира „Нова Македонија“раскажуваат различни искуства во поглед на користењето на банкарските кредити. Едни велат дека поради тоа што долги години се корисници на пензија во банката немаат проблеми со одобрување на кредитот и со неговиот рок на отплата. Друга група пензионери, пак, посочуваат дека нивните барања за кредити биле одобрувани, но притоа условите за враќање биле многу кратки, поради возраста, поради што било невозможно да се нафатат на такви услови.

– Иако ми беше одобрен кредит, кој требаше да биде продолжение на веќе постоен, ми беа наметнати невозможни услови за враќање. Новоодобрениот кредит требаше да го вратам за една година, а притоа од пензијата голем дел требаше да оди за отплата. Од моите 15 илјади пензија, 12 требаше да ми крати банката за кредит. Со тие услови ќе беше невозможно да живеам, па не го прифатив – вели една пензионерка од Скопје.
Проблемот со отплата на кредитите за пензионерите не е нов, за него е алармирано повеќепати, поради што голем дел банки веќе и ги коригираа условите, но пензионерите сметаат дека сѐ уште има простор за подобрување.

– ТТК банка АД Скопје води особена грижа за излегување во пресрет на потребите на споменатиот сегмент на граѓани, пензионерите. Клиентите што ја примаат својата пензија во банката се класифицирани во категоријата корисници премиум смарт, за која ТТК банка нуди кредитни производи со најповолни услови – велат од ТТК банка.
Оттаму додаваат дека имаат посебен потрошувачки кредит за пензионери со кои се обезбедуваат поволни услови за корисниците.

– Ненаменскиот потрошувачки кредит премиум смарт со најповолни услови во понудата е достапен за оваа група корисници со атрактивни годишни каматни стапки од 5,50 отсто фиксна во првата година од отплатата и 7,68 проценти променлива (национална референтна стапка + 5,73 процентни поени) во преостанатиот период од отплатата. При достасувањето на последната рата од кредитот, возраста на примателите на пензија не смее да надминува 70 години. Банката одобрува кредити во износ до 600.000 денари без жиранти, во зависност од висината на месечните примања – истакнуваат од оваа банка. Претставниците на ТТК исто така посочуваат дека, покрај потрошувачките кредити, нудат и други поволности за примателите на пензија како дозволено пречекорување на сметка и исплата на пензиите на првиот работен ден од месецот.

Фото: Дарко Андоновски

[email protected]