Пендаровски со стопанските комори на Македонија и Србија

190

Претседателот Стево Пендаровски, кој е во официјална посета на Србија, денеска во Белград присуствуваше на средбата на стопанските комори од двете земји. На средбата се разговараше за продлабочување на надворешно-трговската размена, при што беше оценето дека постои голем потенцијал за интензивирање на соработката за полесен пристап до трети пазари.

Пендаровски истакна дека од големо значење е зајакнувањето на регионалната соработка за зголемување на економскиот развој, намалување на невработеноста, подобрување на социјалната благосостојба на граѓаните, како и зголемувањето на трговската размена и инвестициите. Воспоставувањето заедничко гранично управување на Табановце/Прешево, како што рече претседателот Пендаровски, е одличен прв чекор за олеснување на протокот на стоки за компаниите, а со унапредување на неговото работење ќе се забрза протокот на стоки.

Во однос на новата иницијатива за идно слободно движење на стоки и услуги, но и работна сила, како и меѓусебно признавање на професионалните квалификации, претседателот истакна дека основна цел на оваа иницијатива треба да биде зголемување на регионалната соработка и понатамошна интеграција на државите во Европската Унија преку имплементација на европските правила и стандарди на регионално ниво. Тој изрази надеж дека сите западнобалкански држави ќе ѝ се приклучат на оваа иницијатива.

На средбата меѓу коморите се разговараше и за мерките што може да се преземат за понатамошно олеснување на условите за бизнисот во смисла на укинувањето на тарифните бариери, сведување на царинските мерки на минимум во регионот, елиминирање на сите барања на податоци што не се во согласност со меѓународните препораки и договори, како и на намалување на трошоците за нивно обезбедување и усогласување на работното време на органите во двете земји кои се надлежни за спроведување на увозно-извозните постапки.

Во таа насока, на средбата помеѓу стопанските комори на Македонија и Србија беше констатирано дека има простор за интензивирање на соработката меѓу стопанските комори од двете земји со цел да се придонесе кон остварување на овие цели.

Претходно, претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, беше дел од делегацијата што го придружуваше претседателот Пендаровски на средбата со српската премиерка Брнабиќ.