Парното ќе поевтини?

193
Фото: Игор Бансколиев

Првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, посочува дека иако сѐ уште е рано да се каже дали ќе има намалување на цената на парното греење, сепак не ја исклучува можноста за пад на цената поради очекувањата да се намалат цените на природниот гас

Нови намалени цени на парно греење може да се очекуваат наскоро. Граѓаните би требало да го почувствуваат намалувањето во сметките за парно почнувајќи од наредниот септември.
Регулаторната комисија за енергетика наскоро ќе одлучува дали и колкава ќе биде цената на топлинската енергија во текот на идната година, а со оглед на топлата зима, како и на намалувањето на цените на енергентите на светските берзи, може да се очекува и мал пад на топлинската енергија. Првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, посочува дека иако сѐ уште е рано да се каже дали ќе има намалување на цената на парното, сепак не ја исклучува можноста за пад на цената поради очекувањата да се намалат цените на природниот гас.

– Засега е рано да се каже какви ќе бидат идните движења на цената, бидејќи до крајот на месецов се поднесуваат барањата. Очекуваме при формирање на цените на парното греење, пред сѐ најголемо влијание да има и цената на природниот гас, за кој е карактеристично девет месеци по падот на цената на нафтата на светските берзи да поевтини и гасот. Поради ова, очекуваме намалување на трошоците за топлинска енергија. Сепак, прерано е да се каже, прво да ги добиеме податоците од компаниите за нивното работење. Во текот на минатата грејна сезона, која заврши на 30 април, сме имале повисоки температури отколку што сме предвиделе и поради тоа порамнителните сметки што ќе доаѓаат во мај, јуни, јули, за изминатава грејна сезона, очекуваме да бидат намалени за 20 проценти – објаснува претседателот на Комисијата.

Бислимоски додава дека веќе се чувствува тренд на раст на корисници на парно греење, кој, според него, се должи на намалувањето на данокот на додадена вредност.
– Веќе имаме тренд на граѓани што се враќаат на парно греење, пред сѐ бидејќи се намали ДДВ од 18 на 5 отсто, што е добар сигнал, и поради намалувањето на цените. Кај БЕГ цената се намали за 6 отсто, кај „Енергетика“ 13 процентни, додека „Скопје Север“ ја намали цената за 12 проценти. Имаме пораст на вкупниот број на потрошувачи на парно греење за 4 отсто во текот на 2019 година во споредба со 2018 година – додава Бислимоски.

Поранешниот професорот Константин Димитров истакна дека цената на парното греење е директно поврзана со цената на гасот, која се одредува на берзата и малку зависи од случувањата во Македонија.
– Цената на парното е правопропорционално поврзана со цената на гасот и врз неа драстично не можеме да влијаеме, бидејќи тоа е берзански производ. Поради овој факт е многу тешко да се даваат предвидувања како би се движела цената на парното во следниот период. Сепак, би истакнал дека има други сегменти врз кои може да се влијае и кои придонесуваат да се намали цената на парното.

Еден од тие сегменти е ако производителот ги намали загубите во мрежата, кои пак, од друга страна, може да ги пријави како загуба и со нив да го зголеми профитот. Еден од начините е да се намалат загубите на топла вода, со замена на пумпите со нови помодерни или, пак, со иновативни решенија, како што се на пример со вградување моќни топлински пумпи, кои температурата на водата ја подигнуваат на повисока, со еден вложен киловат добиваат два или три киловати топлинска енергија – објаснува професорот Димитров.

Тој додава дека топлински пумпи веќе се користат во куќи, но напоменува дека истите тие не се евтина инвестиција, поради што компаниите за производство на топлинска енергија ќе треба да издвојат солидни средства за инвестирање.
– Финансиското прашање за ваква инвестиција е доста значајно, бидејќи ќе бидат потребни инвестиции од големите инвеститори кредитори, но бидејќи немаат јасна перспектива кој ќе ја води институцијата, со оглед на случувањата со новоформираното претпријатие на Град Скопје, кое претендира да ја добие лиценцата за дистрибуција на топлинска енергија, не се сигурни во иднината на една таква инвестиција. Поради оваа ситуација, самата компанија не инвестира поради стравот дека некој може да им ја земе лиценцата и инвестицијата да им пропадне, но и кредиторите не се сигурни дали дадениот заем ќе се инвестира и ќе им биде вратен.

Постои уште еден начин на кој би можеле да се намалат трошоците на овие компании, а тоа е со спојување на системите исток и запад. За крај би истакнал дека значаен сегмент, кој исто така би влијаел на намалување на цената на парното греење, е да се зголеми бројот на потрошувачите. Со зголемување на бројот на потрошувачите, ако се зголеми бројот на корисници од новите згради, ако се вратат потрошувачи што се исклучија, односно ако се зголеми искористеноста на капацитетот на системот, значително може да се намали цената на парното греење – истакна професорот.