Пари има, нема виновник за дупката во вториот пензиски столб

212

Ќе се открие ли виновникот или целата афера ќе се забошоти? Кој учествувал во скандалот и зошто толку време се криела кражбата од идните пензионери? Многу прашања и понатаму остануваат неодговорени. Пензискиот фонд долго време го брануваат разни афери, a на слична ситуација уште пред неколку години укажуваа странските институции што вршат мониторинг на состојбите во домашната економија. Несомнено проблематично е и сегашното однесување на надлежните, кои, наместо веднаш да го информираат обвинителството, решаваат прво да обезбедат пари за обесштетување на оштетените граѓани, па потоа да ги информираат јавноста и обвинителството.

– Од администрацијата се навестуваа одредени недоследности. Па, заедно со странските институции, подготвувајќи ја реформата на пензискиот систем, решивме да направиме и анализа на состојбите, со која на површина излегоа овие отстапки. Мојата интенција како министерка е за секое прашање што ќе се идентификува како проблематично да понудиме директно решение со кое ќе го заштитиме секој граѓанин – објасни министерката за труд и социјална политика Мила Царовска во една дебатна емисија.

Како што е познато, од 2007 до 2018 година на 12.000 осигуреници не им биле уплаќани пари во вториот пензиски фонд од страна на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, но министерката уверува дека парите ќе им бидат исплатени најдоцна до јуни годинава.

Првата уплата од државата кон двете приватни пензиски друштва за оштетените осигуреници на кои со години не им биле плаќани придонеси во вториот пензиски столб е направена вчера. Со неа, како што информира министерката за труд и социјална политика, се опфатени 4.926 осигуреници и треба да заврши до крајот на месецот. Уплатите за другите осигуреници ќе се случуваат во наредните месеци и треба да завршат до средината на годината, со што сите 12 илјади осигуреници ќе бидат целосно обесштетени. За оваа намена Владата обезбеди 19 милиони евра од државниот буџет.

Министерката информира дека во согласност со новата законска регулатива, во тек е трансферот на 11.319 члена од вторите кон првите друштва. На ваков начин почнува процес во кој ќе бидат вклучени сите институции и процес што ќе покаже дека реформата и во практика ќе направи регулација на пензискиот систем.

– На ваков начин пензискиот систем станува посигурен, стабилен и одржлив. Иако навидум се прават мали поместувања, во 2019 година се очекува намалување на дупката во Фондот за ПИОМ за две милијарди денари, што е значителна бројка и ќе доведе до порамнување и постепено затворање на дупката, а на среден рок до стабилизација на системот – објасни Царовска.

Директорот на Фондот за ПИОМ, Шаип Зенељи, истакна дека сите граѓани ќе бидат обесштетени и ќе им бидат префрлени на сметка во вториот пензиски столб. Според него, средствата што во изминатите години не биле уплаќани на нивни сметки не се изнесени од ПИОМ, туку останувале во Фондот и се користеле наменски.

Неизвршувањето на уплатите, според него, е резултат на системски пропуст, кој се должи на сложеноста на пензискиот систем.

– Пензискиот систем е еден од најсложените за водење и за евиденции. Најголем дел од податоците се добива од надлежни надворешни институции, а Фондот ги контролира, споредува и обработува податоците за осигурениците да обезбедат право на пензија. Од 2006 година Фондот врши распределба на членството и придонесите во вториот столб. Водењето и користење на една база на податоци е сложен процес и можни се пропусти што произлегуваат од обемот и содржината на податоците, како и од честата измена на законската регулатива за сите обврски што имаат влијание на остварувањето на правата – рече Зенељи.

Министерката за труд очекува надлежното обвинителство да ја утврди одговорноста.
Инаку, доколку граѓаните сакаат да проверат дали изминатите години им се уплаќани пари во нивниот втор столб, тоа можат да го сторат во Агенцијата за супервизија на капитално финансиско пензиско осигурување (МАПАС). Освен за парите што не биле префрлани во приватните пензиски фондови, државата ќе треба да ги обесштети осигурениците и за приходите што би ги оствариле од инвестирање на средствата.