Парите во плик го тенчат минималецот

719
Фото: Дарко Андоновски

Истражувањата покажаа дека многумина од вработените што добиваат минимална плата добиваат и дел од платата во плик, што укажува дека кај нив има простор за раст на платата само истата таа треба фактички да се утврди. А како што велат економистите, со растот на минималната плата ќе се намали и сивата економија

Најавите за раст на минималната плата никако да почнат со реализација. Владините претставници и бизнис-заедницата сѐ уште дебатираат околу можностите за раст на минималецот од 12.500 на 13 илјади денари. Економските експерти, пак, велат дека има доволно простор за раст на минималецот за 500 денари, и дека треба да се почитуваат прописите при исплата, бидејќи сега многумина од вработените со минималецот добиваат и дел од платата во плик.

– Истражувањата покажаа дека многумина од вработените што добиваат минимална плата добиваат и плата во плик, што укажува дека кај нив има простор за раст на платата само истата таа треба фактички да се утврди. Со растот на минималната плата наедно ќе се намали и сивата економија – вели економистот Здравко Савевски.
Тој додава дека податокот, според кој дури 60 отсто од вработените што земаат минимална плата примаат остаток од платата во плик, е показател дека има голем број граѓани што можат да земаат поголем минималец, односно повеќе од сумата на која се пријавени.

– Газдите сакаат работниците да им работат за малку пари. Навикнати се да плаќаат ниски плати и да имаат голем профит. Ним секако најголем интерес им е профитот, па затоа слушаме како растот на минималецот ќе бил штетен за компаниите. Но сигурен сум дека со покачување на минималецот нема да ги затворат фирмите, туку само ќе се намали нивната заработка – додава Савевски.

Тој, меѓу другото, посочува дека клучно прашања во ситуацијата сега е и колку Владата навистина сака да го реши проблемот и колку ќе опстои во намерата да ја зголеми минималната плата со оглед на фактот дека во неа има бизнисмени, па и самиот премиер е поранешен бизнисмен, и се блиски до бизнис-лобито.
И анализите што ги имаат направено во институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс тинк“ велат дека има простор и сосема е издржливо минималната плата да порасне на 13 илјади денари. Според проекциите на „Фајнанс тинк“, просечната плата во 2019 година се очекува да надмине 25.000 денари, со очекуван раст од 4,2 отсто во однос на 2018 година.

– Во согласност со ваквите тенденции, кои се одраз на движењата на продуктивноста во економијата, „Фајнанс тинк“ проценува дека нивото на минималната плата од 13.000 денари би било издржливо во сегашниот економски контекст, односно не претставува опасност по работите места – се вели во анализата на „Фајнанс тинк“.
Од институтот посочуваат дека дебатата за минималната плата треба да се ограничи на економски рамки и очекувањата на јавноста да се потпрат на економски принципи, наместо на популистичка реторика, што во крајна линија може да загрози многу работни места во нископлатежните сектори.

– Владата да посвети опсежно внимание на теренското спроведување на одредбите од трудовото законодавство, особено што доминацијата на исплата на плата во плик, кај 62 проценти од работниците осигурени на минимална плата, е загрижувачка тенденција што мора итно да се адресира – додаваат од институтот.
Минималната плата особено стана интересна во јавноста од октомври 2016 година, кога истата таа стана и главен адут на политичките партии во изборната кампања, односно нејзиното зголемување. Беше ветено постепено зголемување на минималната плата на 12.000 денари во 2017 година, па до 16.000 денари во 2020 година.

Со измените во Законот за минимална плата од септември 2017 година беше предвидено минималната плата од 9.590 денари во индустриските гранки за текстил, облека и за кожа и 10.080 денари во другите сектори на 12.000 денари за сите сектори. Со овој потег, минималната плата се зголеми за 19 проценти, односно 25,1 проценти, притоа изедначувајќи се со сите сектори во економијата, пишува во „Анализа на ефектите од измените во Законот за минимална плата“ од авторите Марјан Петрески и Тереза Кочовска.

– Зголемувањето на минималната плата е подносливо во различен степен, во зависност од технолошката подготовка и нивото на специјализација на компаниите. Колку што е повисоко технолошкото ниво на компанијата и колку што е поголема специјализацијата на нејзиното производство, толку е поголем капацитетот да се апсорбира зголемувањето на минималната плата. Во таква ситуација, компаниите и полесно може да ја зголемат цената на производот: склоноста на купувачите да го променат снабдувачот при зголемување на цената е помала кога станува збор за производ со висока додадена вредност – е наведено во анализата.

Тие исто така посочуваат дека е неопходно засилување на капацитетите и на етичките стандарди на Инспекторатот за труд, и притоа Владата треба да најде модуси за „кршење“ на потенцијалната спрега меѓу работодавците и инспекторите за труд.
– Освен зголемен капацитет за вршење инспекција, вкрстен инспекциски надзор со комбинирани тимови од локално и од национално ниво може да го омекнат овој проблем. Синдикалното здружување треба да се охрабрува од страна на Владата и од другите засегнати страни. Владата не треба да биде директен учесник во процесот на поттикнување на синдикалното здружување, но може да го поддржи преку едукативни кампањи. Формирањето на економско-социјални совети на општинско ниво треба да продолжи како добра практика во овој сегмент – посочуваат авторите во анализата.

[email protected]